Пендаровски: Берлинскиот процес не е замена за полноправно членство во ЕУ

од Vladimir Zorba
130 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Берлински процес 2022 – Интензивирана соработка: Обновениот Берлински процес и иднината на регионалната соработка во Југоисточна Европа”, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт”, во соработка со Амбасадата на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија.

„Повторното актуелизирање на Берлинскиот процес со нова програма за работа е одлична вест. Потпишаните три договори за минување на границите меѓу нашите држави со лични карти, за признавање на високообразовните и на професионалните квалификации на докторите по медицина и стоматологија, како и на архитектите, се голем чекор напред кон создавањето на заеднички регионален пазар. Не гледам ниту една причина овие договори да не бидат брзо ратификувани во националните парламенти за да може да влезат во сила, а потоа и да се имплементираат така како што се замислени, во интерес на граѓаните од целиот регион“, вели Пендаровски.

Најавената поддршка за справување со енергетската криза за нашите држави од претседателката на Европската комисија во вредност од една милијарда евра е, исто така, кажа тој, е израз на европската солидарност и чекор кон враќање на довербата кај големото мнозинство граѓани во вредностите на европската интеграција.

„Многупати сум ги кажувал стратешките и структурни предности на Берлинскиот процес во однос на другите форми на регионална соработка. Од ова место би сакал накусо да ги повторам. Прво, во Берлинскиот процес учествуваат сите шест држави од западен Балкан со што се постигнува вистинска инклузија и се избегнува можноста некој да биде маргинализиран или изолиран од процесот. Второ, Берлинскиот процес е заедничка иницијатива на државите членки на Европската Унија и државите од западниот Балкан што е многу значајно во поглед на одговорноста за неговото функционирање бидејќи врз неговата активност постои мониторинг од аспект на примената на европските стандарди и правила. И конечно, но најважно, Берлинскиот процес не е замена за полноправно членство во Европската Унија, туку, инструмент за побрзо приклучување на сите шест држави од Западниот Балкан во Европската Унија“, посочи претседателот.

Слични содржини