Претседателот Стево Пендаровски и претседателот Александер Ван дер Белен, во рамки на официјалната посета на австрискиот претседател на Република Северна Македонија, денеска се обратија на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Северна Македонија и Австрија”.
„За Австрија да продолжи да биде број еден инвеститор во Северна Македонија, не само во наредните неколку години туку и во наредните децении, нужно е да отвориме новите перспективи во економската соработка.
Улога на државите е да создаваат услови за вие да може полесно и подобро да соработувате. Меѓу Северна Македонија и Австрија нема отворени прашања, туку само отворени можности. Се надевам дека овој форум ќе биде потврда на досегашната квалитетна соработка, но и почеток на нова фаза на соработката помеѓу компаниите од двете земји. Ви посакувам успешна деловна средба, сигурен сум дека ќе размените важни информации и ќе успеете да се поврзете на начин кој би бил од корист за унапредување на бизнис климата во двете држави.
Наредната 2024-та ќе одбележиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две пријателски држави. Во пресрет на тој значаен јубилеј, ве повикувам да ја искористите стекнатата доверба и да ја продлабочите соработката“, порача Пендаровски.