Македонските граѓани се заморени во нови и нови методи според кои треба да се приклучиме во оваа организација, вели во интервју за РСЕ претседателот на РСМ, Стево Пендаровски.
-Францускиот претседател Макрон пред 3 години побара нова методологија, која тврдеше дека ќе биде поефикасна и далеку покуса. Велеше како ќе напредувате кластер по кластер веднаш ќе чувствувате придобивки под членство, нема да чекате до последен момент кога ќе станете полноправна членка. За жал, до овој момент и двете држави од Западен Балкан, Србија и Црна Гора кои се во процес на преговори повеќе од деценија, не почнале практично преговори во новата методологија. Не ни се потребни нови форми на соработка во тоа поле за да станеме членка на ЕУ еден ден, порача Пендаровски.
Вели дека има моментум во проширувањето заради Украина, но тој ја спори позадината на тој моментум, односно мотивацијата.
– Ако дадете статус на кандидат на Украина, на Молдавија и на Босна и Херцеговина со одредени условувања, имено заради војната во Украина, моето прашање до европските званичници е што ќе се случи кога, дај боже утре, престане војната во Украина? Ако треба да чекаме војна на континентот, вам да ви текне Западниот Балкан и дел од таканареченото источно партнерство треба по децении чекање формално да стане дел од ЕУ, се плашам дека тој тип на резонирање не бил никогаш карактеристичен за ЕУ. Тој тип на геостратешко резонирање, безбедносни закани, војни, нови хибридни закани, е специфика на НАТО. ЕУ секогаш низ историјата имала сосема поинаков профил на критериуми низ кој ги проценувала потенцијалните членки. И ако почнете да наликувате на НАТО алијансата, што правиме ако таа војна запре со примирје. Ќе го изгубиме моментумот ? Не би сакал да видам моментум за приклучување на Западен Балкан, вклучително и Македонија во Европа само затоа што има војна некаде на континентот, истакна Пендаровски