Пендаровски на дебата за изборни реформи: Пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборни единици

од Vladimir Zorba

Мојот став со години наназад е дека на долг рок Република Северна Македонија ќе биде подемократска држава ако повеќе политички субјекти бидат дел од еден подиверзификуван парламент. Тоа ќе значи дека повеќе граѓани ќе бидат претставени преку свои репрезенти во законодавниот дом, а во крајна линија тоа ќе придонесе не само за зголемена одговорност на партиите кон бирачите, туку и за враќање на довербата на граѓаните во институциите, објави претседателот на РСМ, Стево Пендаровски за време на националната дебата за изборните реформи во Северна Македонија што се одржува во организација на Институтот за европска политика – Скопје.

„Уште на почетокот на мојот мандат ја поддржав иницијативата на неколку политички субјекти за реформа на актуелниот изборен модел. Генерално, мојата поддршка беше за создавање на пропорционален изборен модел со отворени листи, (ова намерно го нагласувам), како и намалување на бројот на изборни единици на целата територија на државата. Во таа прилика ги повикав политичките партии од власта и од опозицијата да ја разгледаат можноста за изборна реформа и со политички консензус да постигнат договор за пропорционален изборен модел со отворени листи, каде што граѓаните ќе имаат можност не само да избираат од политичките партии, туку да избираат и кандидати, односно, личности. Инаку, според мене, едно исклучително важно прашање за натамошната демократизација на земјата – отворените листи на кандидати за пратеници, во сите досегашни дебати на оваа тема се неправедно потиснати во втор план во однос на прашањето за бројот на изборните единици“, посочи тој.

Смета дека намалувањето на бројот на изборните единици со непостоечки или минимален изборниот праг, како и отворените листи, имаат потенцијал прво да ја збогатат парламентарната дебата и да придонесат за намалување на поделбите меѓу граѓаните. Исто така, верувам дека тоа ќе придонесе за зголемување на демократската политичка култура и поголем ангажман на граѓаните во политичкиот процес од кои, за жал, тие се повеќе апстинираат како што годините одминуваат. Впрочем, една од одликите на секое слободно и демократско општество е токму способноста, конструктивно, низ институциите, да се справи со разликите и несогласувањата кои природно постојат меѓу нас. А клучната институција за таквите дебати е највисокиот дом на демократијата – Собранието на Република Северна Македонија“, додаде тој.

Слични содржини