Пендаровски на инаугурацијата на Ердоган изрази подготвеност за продолжување на македонско-турското пријателство

од Nikola Popovski
260 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска на покана на турските власти, во Анкара присуствуваше на свечена церемонија на стапување на должност на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Пендаровски честитајќи му го новиот мандат на Ердоган му посакал успешно извршување на одговорната функција и изрази подготвеност за продолжување на одличната билатерална соработка и македонско-турското пријателство и партнерство кое се гради и унапредува низ соработката на нашите институции, бизниси и граѓани, информираа од кабинетот на претседателот.

Инаугурацијата во турскиот парламент беше проследена со раскошна церемонија во претседателската палата во главниот град Анкара, на која ќе присуствуваат десетици светски лидери.

Турскиот лидер, кој донесе големи поделби во општеството, победи во вториот круг од 28 мај против моќната опозициска коалиција и покрај економската криза и остри критики по разорниот земјотрес во февруари, во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе.

Ердоган кој е лидер со најдолго владеење во Турција освои 52,18 отсто од гласовите, а неговиот секуларен ривал Кемал Киличдароглу 47,82 отсто, покажуваат официјалните резултати.