Пендаровски: Сѐ додека постоиме и говориме на македонски, ниту една негација, фуснота, забелешка, не ќе може да ја прикријат вистината

од Берта Китинска

„Јазикот е жива материја, кој си има своја динамика и развој и како таков во себе ги впишува антрополошките феномени и ја впива културата и светогледот на говорителите. Неговата изразна моќ, пак ни овозможува да ги искажеме нашите мисли и да го споделиме нашиот внатрешен свет, создавајќи комуникација која излегува и надвор од секојдневието и од материјалното“, изјави денеска Претседателот Стево Пендаровски, кој се обрати на 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, којашто се одржува во Охрид од 17 август до 2 септември 2022 година..

„Во универзумот на македонскиот јазик како наша единствена комплетна татковина, да го цитирам Конески, се вградени ставовите, погледите, чувствата, идеите на нашите предци, на нас самите и на нашите идни поколенија. Среќни сме што пет и пол децении македонскиот јазичен универзум посветено и со отворено срце го посетуваат илјадници добронамерници оставајќи ги своите траги и траен придонес.

Сѐ додека има говорници на еден јазик тој ќе постои. Сѐ додека постоиме и говориме на македонски, ниту една негација, фуснота, забелешка или што и да е, не ќе може да ја прикријат вистината. Сите ние кои ги изговараме македонските зборови сме гарант за неговото постоење и сила. Ниту еден документ, декларација, изјава, не можат да обезбедат постоење и траење на еден јазик, ако не е жив односно ако никој не го употребува. Затоа секој во рамките на своето опкружување, во својот дом, во професионалната средина, на местото на разонода, спортување, на културни настани, во духовните храмови, кога размислуваме и беседиме, да глаголиме на македонски и на тој начин да го шириме универзумот на македонскиот јазик“, посочи тој.

Слични содржини