Пендаровски: Улогата на полицијата е уште поголема во хетерогени општества какво што е нашето

од Nikola Popovski
191 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на одбележувањето на 7 Мај – Денот на полицијата на Република Северна Македонија, што се одржа во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ во Скопје.

Во рамки на свеченоста, на претседателот Пендаровски, од страна на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, му беше доделена специјална плакета за партнерство и соработка.

-Ова е значаен ден затоа што станува збор за структура која има незаменлива улога во спроведувањето на законите, одржувањето на јавниот ред и мир, почитувањето на човековите права и слободи и заштитата на државните граници. Со само еден поглед, врз овие исклучително важни надлежности, станува јасно дека од работата на Министерството за внатрешни работи во голема мерка зависи и довербата на граѓаните во својата држава и во нејзините највисоки институции, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешното одбележување на Денот на македонската полиција.

Според него, улогата на полицијата е уште поголема во хетерогени општества какво што е нашето. Катализатор во унапредувањето на таа соработка е соодветната етничка застапеност на сите нивоа во Министерството, за сите граѓани во нашата држава да имаат целосна доверба во полициските структури.

„Исто така треба да се обрне внимание на улогата на жената во полицијата. Тој процес е започнат, резултатите се видливи, но  потребно е  целосно надминување на стереотипите поврзани со родовата еднаквост затоа што наспроти традицијата и предрасудите кои се особено силни во конзервативните општества, полицијата не е само машка професија.

За успешно функционирање на Министерството, превенцијата е клучна и затоа е потребно да се воспостават добри релации со заедницата во која се дејствува, пред да се појават проблемите“, рече Пендаровски.

Слични содржини