Пендаровски во посета на загрозените подрачја во Крива Паланка

од Vladimir Zorba

Претседателот Стево Пендаровски денеска престојуваше во општина Крива Паланка каде што ги посети загрозените подрачја од поплавите кои изминативе денови беа предизвикани од поројните врнежи од дожд.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски и претставници на општинските служби го информираа претседателот Пендаровски за настанатите штети во градот и околината, за состојбата на патната инфраструктура и за преземените мерки за расчистување на наносите. Истовремено, од општината Крива Паланка истакнаа дека поради обемот на штетите, за нивна санација, ќе биде неопходна помош од државата.

За време на престојот во општина Крива Паланка, претседателот Пендаровски го посети местото викано „Осички Мост”, каде поради оштетување на патот отсечена е цела населба. Претседателот Пендаровски ја посети и локацијата на стариот патен правец кон манастирот „Свети Јоаким Осоговски” кадешто невремето предизвикало свлечишта од голем обем, а се запозна и со состојбата на речното корито на Крива Река во урбаниот дел на градот.

Слични содржини