Пендаровски за бирање претседател во Собрание: „Мојот став е познат, дали ДПМНЕ го промениле ставот?“

од Vladimir Zorba
208 прегледи

„Пендаровски се има изјаснето на оваа тема. Прашањето е дали ДПМНЕ го промениле ставот?“, стои во реакцијата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски за избор на претседател на државата во Собрание.

Претседателот Стево Пендаровски, својот став за идејата шефот на државата да се бира во Собрание, наместо на избори, го искажа кога ја поднесе кандидатурата за втор мандат. Тој тогаш рече дека далеку е подобро да имате претседател кој е независен во однос на политичките субјекти, па и во однос на економските центри на моќ кога сте избирани на општи избори, отколку кога сте избирани во парламент.

„Знаете дека во неколку наврати бев во директна колизија со ставовите на тогашната владејачка партија. Ако бев избран во парламент, дури и со квалификувано мнозинство, ќе бев сменет истото пладне. На Македонија и е потребна една независна институција која може да биде баланс, не само според надлежностите, туку и според она што јавно го изјавува. Мора да постои една морална вертикала која дури и на оние што го предложиле и го гласале ќе им каже – до тука“, рече тогаш Пендаровски.

Откако вчера вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби соопшти дека условот за поддршка во вториот круг од претседателските избори е прифаќање на програмската определба на ДУИ, шефот на државата да се избира во Собрание, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска упатија прашање до СДСМ и неговиот претседателски кандидат Стево Пендаровски, дали овој услов е прифатлив за нив.

Слични содржини