Пендаровски за „Таргет-Тврдина“: Зачуден сум од одлуката на Апелација да ја укине пресудата

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот Стево Пендаровски смета дека судскиот предмет „Таргет-Тврдина“, кој неодамна беше вратен од Апелацискиот суд на повторно судење е клучен и оти ако во него нема дело, нема ништо за тоа што следуваше или произлезе од него односно од објавените разговори.

„Со години траеше процесот. Тоа е клучниот предмет. Може да застари, а сам по себе тој предмет е клучниот. Оттука велиме прво вие сте обвинети за нелегално прислушување. Од тие снимки понатаму излегоа индиции за сите други евентуални кривични дела што се правеле. Значи ако го немаме ова како дело, немаме ништо друго“, изјави Пендаровски во „Само интервју” на Канал 5.

Тој вели дека е зачуден од одлуката на Апелација да ја укине пресудата и да го врати предметот на повторно судење во прв степен пред се заради тоа што прво се чувала во тајност извесен период откако била донесена. Дополнително, вели, над 20 илјади луѓе била опфатени со нелегалното прислушување и за тоа имало и сведочења.

„Кога некој ќе ми каже не било докажано, а имаше лични искази на луѓето кои биле прислушкувани, на министри кои биле опфатени со тоа преислушување и кои велат да тоа е мојот глас на снимката“, рече Пендаровски.

Тој додаде дека се уште не е јасно дали за ваквата одлука е виновен Апелацискиот суд, или некој во основниот суд во прв степен направил процедурални пропусти со цел тие во втор степен да немаат избор освен да ја срушат таа пресуда.

Затоа, според него, добро е што Судскиот совет ќе отвори процедура и ќе види што точно се случувало со овој предмет.

Претседателот Пендаровски смета дека јавноста постојано треба да следи и да бара да се разјасни овој случај. Јавноста, вели, треба да ги прозива сите што носат такви одлуки да ги образложат и јавно за да се види кој бил до словото на законот, а кој имал некакви други мотиви.

Наведе дека ниту барањата на јавноста ниту неговиот апел не можат да се сфатат како притисок врз судството, пред се, како што рече, затоа што судењето е завршено во втор степен, но и поради тоа што и доколку почне одново, со ова темпо со кое судиите суделе досега следното судење веројано би почнало во 2027 година.

Слични содржини