Пендаровски: Заев го знае мојот став за „Отворен Балкан“ уште од самиот почеток

од Nikola Popovski
193 прегледи

Ставот на претседателот Стево Пендаровски во однос на иницијативата „Отворен Балкан” е конзистентен од самиот почеток, а претседателот тоа му го има и лично пренесено на премиерот Зоран Заев по првичниот состанок во Нови Сад кога е промовирана иницијативата, велат од Кабинетот на претседателот по повод изјава на премиерот.

Од Кабинетот соопштуваат дека едногласен заклучок во однос на иницијативата „Отворен Балкан”, усогласен меѓу сите политички субјекти на таа лидерска средба бил дека нашата држава нема алтернатива на патот кон полноправно членство во ЕУ и дека доколку иницијативата „Отворен Балкан” има таков карактер, таа не е прифатлива за ниту еден политички субјект во Република Северна Македонија.

-Претседателот Пендаровски никогаш не бил против зајакнување на економските процеси, олеснување на царинските процедури, слободниот проток на луѓе и капитал меѓу земјите на западен Балкан. Но, тоа што половина од државите во регионот не се дел од иницијативата „Отворен Балкан” објективно го лимитира нејзиниот потенцијал. Претседателот Пендаровски никогаш нема дадено изјава или донесено акт или одлука со која би бил против пријателството на народите во регионот и против нивната ЕУ перспектива. За жал, многу други политичари во регионот делуваат во спротивна насока, се вели во реакцијата.

Заев денес изјави дека е изненаден од првиот човек на државата Стево Пендаровски кој вчера од Косово рече дека иницијативата „Отворен Балкан“ е фалична.

„Неразбирливо е зошто некој би бил против пријателство со соседите, против зближување на младите и народите од Западен Балкан и против полесна и побрза економска размена меѓу земјите од регионот“, вели Заев за ТВ21.

Тој додава дека во минатото сме виделе што значи затворен Балкан и затоа неоправдано е било кое заговарање против Отворен Балкан.

Слични содржини