Пенов: Средствата за рамномерен регионален развој се зголемија во 2022, иако беше кризна година

од Stefanija Kuzmanovska

Иако беше енергетски и економски кризна година, во 2022 година се зголемија средствата за рамномерен регионален развој. Задоволни сме што секоја општина во државава реализираше барем по еден проект, изјави министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов на годишната конференција „Година на нови можности“.

Тој кажа дека во 2022 година се рализираа 215 проекти, од кои најмногу беа инвестиции во комунална инфраструктура, но и во обновување на возниот парк на противпожарните служби.

„Возниот парк на противпожарните служби беше обновен особено во Северо-источниот, Источниот, Југо-источниот и Вардарскиот регион. Речиси секоја општина во овие региони доби по барем едно противпожарно возило“, рече Пенов.

Министерот кажа дека се подигнало и технолошкото ниво со набавка на комунална опрема во 19 општини и кажа дека со проектите, поддржани од ЕУ, УНДП и УСАИД ќе се продолжи и во 2023 година.

„Во 2023 година ќе избираме проекти со поголемо регионално значење. Ќе се реконструира Кардиолошката клиника во Охрид, Институтот за нефрологија во Струга, Институтот за белодробни заболувања во Отешево. Во Ѓорче Петров едно училиште ќе се реконстуира во дом за деца со тешки заболувања. Во Кавадарци ќе го решаваме проблемот со кучињата скитници со регионален центар. Во Радовиш, Конче и Босилово ќе поставуваме фотоволтаици на крововите на јавните институции, а во Берово ќе се доградува детско одморалиште во дом за стари лица“, подвлече Пенов.

Слични содржини