Во рамки на програмата „Уметност, Политика, Институции, Тело“, која е дел од ПЛАТФОРМ(а) 2018, вечер од 20 часот во Кино Култура ќе биде изведен перформансот „Make It, Make It, Don’t Fake It“ на Дарко Драгичевиќ, Еста Матковиќ и Вања Смиљаниќ.
Организатор и копродуцент на проектот е „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата кој соопшти дека се работи за сцениран перформанс во кој публиката е поставена да искуси вознемирувачки спектар на создавање идентитети преку употреба на објект, тело, простор и текст.
– Ги активира разновидните теоретски и уметнички пристапи кои се занимаваат со нашето се поголемо токсично – политичко, етичко и културно опкружување. Во потрага по алтернативни техники на себеси во постдемократското општество, Драгичевиќ, Матковиќ и Смиљаниќ се контектираат, споделуваат и ја замислуваат структурата на „заедништво“ во спекулативниот дистописки амбиент, соопшти „Локомотива“.
Оттаму појаснуваат дека црната сатира „Trash Humpers“, филм на Хармони Корине во кој учествуваат група постари, насилни социопати, бил појдовна точка за нивната заедничка истражувачка практика во однос на ѓубрето и вандализмот како начини на изразување. Под овие услови тие го испитувале продуктивниот потенцијал на погрешно однесување и уништување.