Синдикатот којшто уште од почетокот искажа голем сомнеж кон идејата за увоз на работна сила од странство ја оспорува можоста државата да ги „донесе“ овие работници и да ги насочи кон приватниот сектор. Според претседателот на синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање Иван Пешевски, економската логика налага дека сопственикот на приватната компанија има поголем интерес сам да си обезбеди кадар согласно пазарот на труд и сам да ги одреди цените.
„Не може државата да му наложи да вработи работници од Непал. Таа тоа го прави со цел да обезбеди работна сила за градење на автопатиштата во рамки на Коридорите 8 и 10 бидејќи ние немаме доволно градежни работници кои ќе работат на тие автопатишта“, изјави Пешевски за „Локално“.
Посочува дека се нереални проценките на владините претставници и работодавачите дека ќе увезат работници од Непал, Бангладеш и Пакистан.
„Тие истите, можеби во моментов работат во мизерни услови за 200, 300 евра плата , но и со плата од 500 евра исто така нема да преживеат ни во Македонија“, вели Пешевски.
Оттука, без основа според него е вербата на работодавачите дека работниците од странство ќе бидат попродуктивни од нашите и дека ќе им обезбедат екстра профит.
„Да имаа поголема стратегија за тоа како да ги задржат македонските работници, како да го зголемат животниот стандард, сега работниците ќе беа многу попродуктивни. Да не заборавиме дека истите тие работници, надвор од Македонија се далеку поплатени и затоа се попродуктивни“, заклучува Пешевски.
Се погласни се барањата на бизнис секторот за увоз на работна сила. Владата покажа слух за оваа идеја, па оттука и прашањето каков е ставо т на Синдикатот?
-Сметам дека е многу нелогична оваа изјава од владините претставници и организациите на работодавачи каде бараат увоз на работна сила, од проста причина што тие истите се единствено виновни за сета работна сила да си замине надвор од Македонија, па потоа да се освестиме и да бараме евтина работна сила од Непал, Пакистан, Бангладеш и земји од третиот свет.
Ова го говорам затоа што пред неколку дена рековме дека 12 622 работника недостигаат само во секторот градежништво. Исто така, запрепастувачки се бројките и во секторот туризам и угостителство, агроиндустријата, каде што голем дел од македонските граѓани својата егзистенција си ја бара во високо развиените земји, бидејќи тоа што како ССМ го пресметуваме, не стига ни за преживување.
Имајќи на ум дека минималната синдикална кошничка веќе не ја покриваат една минимална и една просечна плата, македонскиот работник со години наназад чарето и лебот си го бара надвор од границите на Македонија. Да имаа поголема стратегија за тоа како да ги задржат македонските работници, како да го зголемат животниот стандард, сега истите тие ќе беа многу попродуктивни. Да не заборавиме дека нашите работници надвор од Македонија се далеку поплатени и затоа се попродуктивни. Ако тука работодавачите очекуваат работник ќе биде продуктивен со 300, 400 па и 500 евра плата, а работи во екстеремно тешки услови, изложен на надворешни влијанија и на работни места со висок степен на ризик, ќе сфатиме зошто си заминуваат од земјата.
Според познавачите, ова ќе биде само моментално решение кое може да донесе нов проблем – дел од странските работници да ја искористат земјава како “отскочна“ даска кон европските дестинации.Укажувањата се и во насока на тоа дека за секој работник , од старт треба да бидат обезбедени минимум 1500 евра.Каде во овој случај треба ја ја бараме “математиката’’?
-Џабе си прават илузии владините претставници и работодавачите дека ќе увезат работници од Непал, Бангладеш и Пакистан бидејќи тие истите, можеби во моментов работат во мизерни услови за 200,300 евра плата , но и со плата од 500 евра исто така нема да преживеат ни во Македонија, кога ќе ги видат цените и податокот дека 20 000 денари се потребни само за храна и пијалоци. Кога тој работник што дошол од таму, ќе види за која плата ќе работи тука на нашите патишта или во фабриките и дека нема да може сам да го преживее месецот, а камоли и да спечали и да прати на семејството , можеме само да му бидеме попатна станица до Германија , Хрватска, Словенија итн.
Многу порано требаше да се направи нешто што предлагаше синдикатот за да се задржат не само младите туку воопшто, сиот квалификуван и висококвалификуван кадар. Одамна како ССМ зборуваме дека ни фали дуално образовани т.е младите луѓе да одат и на пракса и на училиште , а потоа истото да продолжи и во високото образование како би се стекнале со одредени знаења и вештини пред да излезат на пазарот на труд. Сега и со овој тип на образование што го имаме, младите особено во трудоинтензивните сектори, не се подготвени директно да отидат во производство, на градилиште или во погон, и затоа почнуваат да работат за најниски плати од 12 000-15 000 денари. Сега минималната плата се покачи на 21 ооо ден. што исто така не е доволно, бидејки во меѓувреме другите плати не мрднаа и не се качуваа скалесто што е најфлагрантно кршење на законот. Во последниве пет години се случи од најниско квалификуваните работни места, како општи работници и хигиеничари да стигнат до она што денеска го има некој градежен или шумарски техничар и сите се во кошот на плати меѓу 20 000-25 000 ден. што не беше наша цел кога го донесовме законот за минимална плата. Требаше сите плати да растат, да има некакво услогласување со порастот на животните трошоци. а да има зголемување на платите на компании кои остваруваат висок профит.
За жал македонските газди тоа не го сфатија како сериозен проблем и се доведоа до ситуација сега да немаат работници, а притоа тие самите не можат да засукаат ракави и да работат ниту на градилиште, ниту во текстилен погон. Се надеваат се дека работници од Непал и Пакистан ќе бидат попродуктивни од нашите работници што си ги избркале, и дека тие ќе им прават екстра профит во иднина. Сметаме дека ова е погубна политиката на политичката гарнитура и на земја аспирант за ЕУ, да ги избрка сопствените работници и да мислиме дека со работници од третиот свет, ќе го решиме проблемот и ќе ја подобриме економијата и БДП-то.
Многу често се посочува минималната плата како важен фактор за подобување на економијата. Дали со вака зголемен минималец очекувате дека ќе ги задржиме работниците во Македонија?
-Најголема трагедија е што претставниците на власта и работодавачите ја сфатија минималната плата како плата што треба да ја даваат. Напротив, како ССМ зборуваме дека таа е за пресметковна единица еден. Тоа значи дека е социјална категорија и не треба ни цент под тоа да биде исплатен. Наша заслуга е и додатокот за минат труд што многи работодавачи го преточија во минималната плата, па не го пресметуваат и исплатуваат. Минимална плата треба да земе некој со најнесложено работно место, на пр. хигиеничар кој нема ниту ден работен стаж. Но тоа се многу ретки работни места. Статистички гледано за 10 години колку што имаме Закон за минимална плата, 8050 денари во 2012 година ја земаа 20 000-25 000 работници. Кога беше минималната плата 18 000 денари, неа ја земаа 80. 000 работници. Сега се чека бројката од министерство за труд и Влада а јас одговорно тврдам дека таа бројка ќе биде над 100 000. Тоа не е плата што требаше да ја земаат работниците, туку да биде пресметковна вредност по која во систематизацијата ќе се множеа коефициентите на работниците. Сега се прават претумбации во масата на пари кај работодавачите и се што треба да се даде на работникот, се одлеа во нивни џеб а работникот остана да работи за плата од 18 000-25 000 денари.
Ако платата растеше согласно коефициентите, верувајте дека платата што тогаш била 20. 000 денари, сега ќе беше 40 000 денари. Имајки предвид дека пред 10 години платата беше доволна за живеачка, а сега со 20 % инфлација таа плата вреди како 16 000 денари. Ние по потрошувачката кошничка гледаме дека со 8050 денари, повеќе продукти се купувале во 2012 година отколку со 20.175 денари што можат да се купат денес пред да се замрзнат цените. А цените ги замрзнаа откако ги покачија. Требаше да ги вратат на нивото од јануари лани, па потоа да ги замрзнат. А не да качите нешто 100-150%, па да намалите за 4-5 денари и да се фалите ги замрзнавме цените. Далеку е тоа од решавање на проблемот.
Каква е работната сила што ќе се увезува? Кои практични вештини треба да ги ги имаат овие луѓе?
-Ако го гледаме градежниот сектор, видете каква е контрадикторноста во тоа што го збори Владата. Како прво, државата не може да увезе работна сила и да ја насочи во приватен сектор. Ако јас сум сопственик на приватна компанија, сам ќе си обезбедам кадар согласно пазарот на труд и јас ќе си ги одредам цените. Не може мене државата, премиерот, вицепремиерот да ми кажат да вработам работници од Непал. Тие тоа го прават со цел да обезбедат работна сила за градење на автопатиштата за кои склучија договори во четири очи со Бехтел и Енка, бидејќи ние немаме доволно градежни работници кои ќе работат на тие автопатишта. Тие требаше работата да ја дадат на домашни компании.
Во проценетите 96 % од вкупните пари предвидени за сектор градежништво за оваа година, заминуваат во странски компании, наспроти 4% кои остануваат во домашни компании. Е, тоа е тоа што ги избрка и работниците, а верувајте дека од Македонија ќе ги избрка и работодавачите. Веќе си гледаат да обезбедат работа на странски пазари бидејки во државата во која вложувале и вложуваат, другата страна нема слух да им даде работа. Ако се тоа јавни пари што сите ги плаќаме преку даноци, најферски е прво да го заситиме пазарот со работа за нашите компании, па ако сме толку јаки со договори од милијарда две, да дадеме на други. Таков проект ни Америка не може да го издржи со нивната инфраструктура, а камоли Македонија. Ако сакаа да покажат доблест, требаше да ги завршат веќе започнатите патишта, па да видиме дека навистина се работи домаќински. Ако се нема капацитет, тогаш да размислуваме за странски конзорциуми, но ние ни еден пат не завршивме, и не за 5 туку за 50 години нема да возиме по нови делници.
К.В.С.