Кога ќе достигнеме одредена возраст, нашето тело природно трпи промени, па затоа е особено важно да се храниме поздраво. За жените кои влегле во менопауза или се на прагот на оваа возраст која носи промени, важно е да земаат храна која ќе им помогне да го одржат здравјето на срцето, мозокот и коските.
Нутриционистите препорачуваат дамите кои се на прагот на шестата деценија, за да го зачуваат своето здравје, да консумираат повеќе од овие пет типа на намирници:
1. Мешунки
И мажите и жените на возраст над 50 години имаат зголемен ризик од повисок холестерол, висцерални масти и дијабетес.
Затоа во исхраната треба да внесуваат повеќе мешунки, бидејќи се богати со влакна. Доколку во поголема мера ги вклучите грашокот и гравот во исхраната, тоа може да помогне да се намали ризикот од споменатите болести, а во исто време да го снабди организмот со важни хранливи материи како железо, калиум и калциум.
2. Домати
Доматот е една од намирниците кои не подмладуваат. Овој зеленчук е богат со ликопен, како и со антиоксиданс кој ја штити кожата од оштетување при изложување на сонце и помага да се намали создавањето на брчки. Нашиот организам најдобро го апсорбира ликопенот од варените домати, па можете да го користите како сок што ќе го пиете повремено или со разни јадења.
3. Печурки
За жените е важно за време на менопаузата да го зголемат внесот на храна богата со калциум и витамин Д, кои ја зачувуваат густината и здравјето на коските. Печурките се една од намирниците кои содржат витамин Д, па затоа е важно често да се консумираат на оваа возраст.
4. Суви сливи
Ако внесувате пет до шест суви сливи секој ден, тоа може да помогне да се спречи губење на коскената маса, тврдат нутриционистите. Бидејќи коските ја губат густината по 50-тата година од животот, почестата употреба на храна како сливи може да биде клучна за одржување на здравјето и мобилноста. Сувите сливи се познати и како храна која го регулира варењето.
5. Кељ
Со текот на годините, потребата на нашето тело за калциум се зголемува. Кељот е одличен извор на овој минерал. Една шолја сварен кељ обезбедува околу 30 проценти од дневната потреба за калциум, а доколку ја јадете често ќе му ги обезбедите на организмот витамините К, А, Ц, како и калиум.