Петер Стано за односите меѓу Косово и Србија: „Подготвени сме да воведеме одредени мерки“

од Stefanija Kuzmanovska

Портпаролот на Европската унија Петер Стано денеска изјави дека земјите-членки на ЕУ не виделе доволно задоволителни чекори кон вистинска деескалација и потсети дека мерките воведени во Косово се директен одговор на ескалацијата на ситуацијата пред 24 септември.

Како што пренесува „Косово онлајн“, Стано потсети дека на ЕУ ѝ е јасно дека додека не се направат доволно чекори до деескалација, мерките ќе бидат на сила и посочи дека за Белград и Приштина нема друг пат освен дијалог.

„ЕУ е посредник во дијалогот. Нема ништо ново да се каже, патот кон ЕУ на Србија и Косово неминовно оди преку дијалог. Двете страни мора да разберат дека дијалогот мора да продолжи. Кога станува збор за истрагата за настаните во Бањска, повторувам, кога ќе заврши истрагата, кога ќе се утврди кој стои зад нападот, тогаш можеме да преземеме одредени чекори“, рече Стано.

Тој додаде дека ЕУ неколку пати јасно ставила до знаење дека е подготвена за рестриктивни мерки.

„ЕУ е јасна, ако нема деескалација, ако ситуацијата ескалира, подготвени сме да воведеме одредени мерки, од кои некои веќе се претставени. Подготвени сме, доколку одлучат членките на ЕУ, да воведеме мерки, не само против Косово, туку и против Србија. Тие мерки се флексибилни, како што може да се воведат, така може и да се ублажат или укинат“, посочи Стано.

Тој рече дека Брисел во моментов е заинтересиран да види јасни чекори кон деескалација, двете страни да се вратат на дијалогот и се чека извештај за настаните од 24 септември.

„Очекуваме целосна соработка од Србија, доколку има волја има начини за соработка. Не е наша работа да испраќаме порака преку јавноста, нашите српски партнери многу добро знаат што треба да направат и што се очекува од нив“, рече Стано.

Слични содржини