Скоро една недела дел од граѓаните маршираат на улиците кажувајќи „НЕ“ на францускиот предлог за кревање на бугарското вето за старт на преговорите на земјава со ЕУ, откако и натаму е предмет на широки консултации.
Елена Петковска, активист од Скопје која секојдневно маршира, за „Локално“ вели дека тоа го прави поради „иднината на моите деца и мојата земја“.
-Не само овој протест, туку и на сите протести на кои досега сум била, моето присуство е за иднината на моите деца и мојата земја, Република Македонија. Ме води срцето и љубовта кон оваа татковина. Не сакам моите деца да живеат во окупацијата која ние ја живееме ниту да ја водат нашата борба. Ние сме тие кои треба да истераат правдата, вели таа.
Според неа, македонскиот народ има „цврст став дека по 27 април, ништо не е легитимно“ и дека нема да дозволат никој да ги убедува дека „Европа нѝ е сѐ“
-Јас знам дека на Македонецот му е дојдено преку глава. Знаат и политичарите. Ние, обичниот народ, секојдневно разговараме на овие теми. Имаме цврст став дека по 27 април, ништо не е легитимно. Преспанскиот договор не беше само промена на името како што сакаа да го прикажат нелегитимните власти. Ниту идентитетот ни е бетон како што истите тие сакаа да не убедат. Тој договор беше само отварање на портите за нашите „добри соседи“ да почнат со уцените. А нашата Влада која упорно ни ја дава само ЕУ како единствен избор не носи до тоа дека на уцените мора да им одговориме со „да“. Но нема да да дозволиме никој да не убедува дека Европа нѝ е сѐ, додека си ги распордаваме името, јазикот, историјата, достоинството. Напротив, Македонија ни е се што имаме. Лично, по она што го гледам секојдневно на улица додека протестирам со својот народ, убедена сум дека овој пат нема да им пројде уште една лага и ќе бидеме истрајни во нашата борба, децидно вели таа.
Револтот не е голем, огромен е, смета Петковска додавајќи дека за тоа постојат причини подлабоки и дека времето е дојдено да се покаже дека народот не е „ниту глупав, ниту прост“.
-Со години наназад, невладиниот сектор со пари од европски фондови и САД тераа и се уште тераат пропаганда на секаков можен начин да го погазат достоинството и гордоста да кажеш дека си Македонец. Заедно со денешните политичари работат на тоа да не убедат дека е срам да кажеш дека си патриот. Не нарекуваат националисти затоа што ја сакаме Македонија. Пробуваат некои туѓи вредности да ги наметнат на традиционалниот и помалку конзервативен македонски народ додека истовремено го осиромашуваат и на секаков можен начин му го газат достоинството. Името не не’ храни, но како што гледам ниту датумите не ги примаат на каса во маркет. Јас не сакам ниту да разговарам за тие ветувања од ЕУ. Не знам ни зашто толку сме запнале за да одиме во тоа друштво кое не не’ сака. Зар ќе одите на гости или ќе бидете пријател со некој кој ве уценува и ви дава ултиматуми, бара од вас да смените нешто кое не се менува?, прашува таа.
Бугарија, додава, бидејќи е дел од ЕУ, го преставува лицето на таа унија.
– Па што бараме тогаш со нив? Нема ни потреба да објаснувам зашто, само ќе ви кажам дека лелекот и плачот на Македонците врз беживотните тела, жртви на бугарски фашисти се уште се слушаат во тишината. Зар личниот бенефит е поважен од општото добро?Оние кои не убедуваат, особено партиските клиентелисти, мислат дека нивните деца утре нема да ги трпат последиците исто како нашите деца? Ние и за нивната иднина сме на улица.Доста веќе! Доста за сите предавства и распродажба! Оваа земја се темели на крв и лелек за да бидеме денес држава. И ние туку така да се согласиме на уште едно предавство? НЕ.Секој ден во седум се до крајот, објаснува Петковска.
Посочува дека инцидентите изминатите денови кои ги одбележаа протестите не се од граѓаните кои велат „НЕ“, додавајќи дека секоја провокација е предизвикана од некој кој не сака протестите да успеат и дека тие лица сакаат да ги оцрнат и да ги уплашат оние кои мирно го искажуваат револтот.
-И завчера бевме сведоци како втор ден полицијата ја нема кај Мавровка, а од плоштадот Скендер бег се фрлаат камења, палети и се пука кон голоракиот македонски народ. Пробаа да исценираат мини војна, тргна полицијата кон нас, но народот е опаметен и не подлегнува повеќе на провокации. И сето тоа е со една причина, да не демотивираат. Но, видоа и допрва ќе видат како излегуваме посплотени и помасовно, дека не се плашиме и сме цврсти во својата одлука да им испратиме силна порака: НЕМА НАЗАД! Нема веќе што да изгубиме, се ни земавте!, вели активистката.
За тоа дали семта дека е потребен референдум за францускиот предлог, Петковска децидно вели „не“ појаснуваќи дека освен референдумот од ’91 година кој резултираше со прогласување независноста на Македонија, ниту еден потоа не е спроведен како што треба.
-Се водеа валкани кампањи, како тој во 2004 каде мнозинството се искажа против новата територијална поделба, но референдумот не беше успешен поради тоа што излезноста беше мала како резултат на кампањата да не се изјасни народот. А последниот, за Македонците свет ден, бидејќи оттука ќе започне враќањето на Македонија, референдумот од 2018 година на кој немаше доволна излезност и референдумско прашање кое беше манипулативно и гласеше: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?Референдумот од 2018 год. иако не ги исполнуваше правните норми, беше искористен како ДА за промена на името во Собрание, појаснуваа таа.
Петковска посочува дека денешната власт „не почитува ниту еден закон“ и дека на земјата не и треба нов референдум кој како што вели „ќе се искористи против Македонија и Македонците“.
Б.М.