Петличковски и Стевановиќ сведочеа во случајот „Жан Митрев“

од Vladimir Zorba

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето против Жан Митрев каде сведочеа претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски и поранешната директорка на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стевановиќ.

Петличковски посочи дека Комисијата за заразни болести во ниту еден момент не дала препорака за примена на хемофилтрацијата како рутински метод за лекување на Ковид-19.

– Во документот за авторизација на хемофилтрацијата како метод на лекување на Ковид, издаден од Американската агенција за храна и лекови, се регулира примената на хемофилтрацијата кај тешко заболените од Ковид-19, во ситуација кога се исцрпени сите други начини на лекувања. Тоа е состојба кога нема посоодветен лек и во строго регулирани ситуации може да се применува, рече Петличковски.

Поранешната директорка на Инфективната клиника Скопје, Милена Стевановиќ рече дека била дел од тричлената комисија која во време на пандемијата ја има формирано Министерството за здравство и дека таа Комисија, во врска со хемофилтрацијата како метод на лекување, дала одговор дека не може да се користи за рутинско лекување.

За тоа што треба да знаат пациентите или фамилијата на пациентите кога се применува хемофилтрација, Стевановиќ рече дека тоа подразбира кратко и јасно да се образложи кои се можните ризици од хемофилтрацијата.

– Методата е инвазивна и нова и е составен дел од софистицирани методи кај тешко болните пациенти кај кои што се следи органско зафаќање, па лекарите се обидуваат да дадат шанса. Секоја квази метода има свои несакани случувања кои не можат да се предвидат, ниту спречат, а хемофилтрацијата е корисна за пациентот да добие шанса, рече Стевановиќ.

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и oбвинителен предлог против неговата Болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.

Слични содржини