Петрушевски: Филипче да каже дали Заев му понудил стик со прислушкувани материјали на поранешен бугарски премиер

„Дали тој поранешен премиер на Бугарија со кој Заев е во контакт стои зад кампањата на СДСМ“, прашува Петрушевски

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Принтскрин

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ упати прашања до лидерот на опозициската СДСМ. Петрушевски бара од Филипче да каже дали екс-премиерот Зоран Заев му понудил стик со прислушкувани материјали на поранешен бугарски премиер и, како што вели, една шема за купување на две големи фирми од кои едната телевизија.

-Филипче да не молчи и да одговори што содржел стикот со прислушкувани материјали кои неговиот ментор Зоран Заев го дал на поранешен премиер на Бугарија, која сега ја злоупотребува својата положба во ЕУ и не блокира. Венко Филипче и СДС да кажат дали и зошто Зоран Заев понудил шема за купување на две големи фирми во Македонија од страна на фирми од Бугарија блиски до тој поранешен премиер? И дали една од тие фирми е една голема телевизија, преку која требало да се врши бугарска пропаганда во Македонија, прашува пратеникот.

Дали ова е дарот, додава Петрушевски, кој Заев го дал во замена за поддршка од Бугарија за СДС сега и во иднини? Логистички, финансиски и во секоја смисла. Од партијата на власт прашуваат „дали тој поранешен премиер на Бугарија со кој Заев е во контакт стои зад кампањата на СДСМ“.

-Венко Филипче е алатка во планот на Заев. Неговата таканаречена резолуција е само продолжеток на планот на Зоран Заев за потчинување на државата во однос на Бугарија. И Венко Филипче и Зоран Заев се фатени на дело. Се е јавно и јасно. Планот нема да им успее, народот ќе го казни на избори, потенцира Петрушевски.

Заев по подолго време се огласи на социјалните мрежи, порачувајќи дека станува збор за невистини, лаги и клеветења за наводни ‘куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија’.

„Небулози, клевети и навреди се методите на Мицкоски со кои сака да се оправда за катастрофата која ѝ ја нанесува на целата држава. Неспособноста да испорача макар и еден единствен резултат во која било сфера од општеството и политиката, залиена со неговата самобендисаност и аздисаност ќе го турне во политичка провалија. Но, ќе мораме да внимаваме да не ни ја повлече и државата со себе во таа провалија“, порача Заев за обвинувањата од премиерот Христијан Мицкоски.