Петтиот конгрес на најголемата албанска партија во Македонија, Демократската унија за интеграција (ДУИ), е закажан за денес.
На состанокот на Генералниот совет на ДУИ одржан пред една недела, беа анализирани стратешките насоки на внатрешната и надворешната политика на партијата, со што се потврди „улогата на ДУИ како фактор на стабилност и како клучен партнер во евроатлантските процеси“ во земјата.
Според соопштението на ДУИ, состанокот бил посветен на подготовката за Петтиот конгрес, дефиниран како „важен момент за одредување на понатамошниот политички, организациски и програмски правец на партијата“. Оценката беше дека конгресот претставува „клучен процес за политичката визија, зајакнувањето на внатрепартиските демократски механизми и подготовката на структурите за нови предизвици“.
Според аналитичарите во земјава, сè уште не е јасно кои се имињата на претставниците на раководството на ДУИ кои ќе се повлечат од своите позиции и дали и колку млади кадри ќе влезат во раководните тела на партијата.
ДУИ е основана во 2002 година како политичка формација произлезена од поранешните структури на Националната ослободителна армија, по вооружениот конфликт во земјата во 2001 година. Од самиот почеток, претседател на ДУИ е Али Ахмети, кој ја дефинира партијата како „фактор на мир, стабилност и политички дијалог“. Веќе на парламентарните избори во 2002 година, ДУИ се етаблираше како најсилна албанска партија, позиција што ја задржа на повеќето последователни избори во земјата.
Конгресот беше закажан по локалните избори на 19 октомври и 2 ноември, а ДУИ, иако освои повеќе места за општински советници во земјата, доби само еден градоначалнички мандат, губејќи ги изборите во значајната општина Чаир, каде што Бујар Османи доби помалку гласови од неговиот противник од ВЛЕН – вицепремиерот Изет Меџити.