Пировска: Децата растат во средина која ги напојува со предрасуди и омраза кон различните од нив

од Aleksandar Todeski

Малолетните лица се најчести сторители, но и жртви на дела од омраза. Ова го соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права на единаесеттиот марш на толеранцијата, посветен на образованието и едукацијата на децата.

Статистиките, велат од Хесиншкиот комитет, докажуваат дека младите немаат доволно свест, ниту толеранција за различните од нив. Хелсиншки смета дека образовниот систем во земјава не го дава потребното за младите да ги надминат предрасудите и стереотипите со што би се намалил бројот на инциденти и дела од омраза.

„Имаме ситуација кога децата растат во една таква средина, која што ги напојува со стереотипи, со предрасуди и омраза кон другите, кои што се различни од нив. И наместо тие во образованието да го добијат спротивното, односно некој да ги поучи дека тоа не е во ред, тие и таму наидуваат на истата свест, на истиот пристап. Затоа нашот апел е насочен кон државата, која треба да се справи со тоа прашање. Државата е должна да се справи со тоа прашање”, вели извршната директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, Уранија Пировска.

Невладините организации кои заедно со Хелсиншкиот комитет излегоа на маршот велат дека до сега ниту една власт не го третирала образованието сериозно. Додаваат дека таму има недостиг од инвестиции како за образовната содржина, така и за подготовка на кадарот.

Слични содржини