Писмо со поддршка од Венецискот филмски фестивал за режисерот Манчевски

од Nikola Popovski
429 прегледи

Венецискиот филмски фестивал, најстариот во светот, објави писмо со поддршка за македонскиот режисер Милчо Манчевски против, како што велат од „Банана филм“, политичкиот прогон врз него како укажувач на корупција во Македонија. Писмото објавено на сајтот на Фестивалот е потпишано од директорот Алберто Барбера и претседателите на двете италијански здруженија на филмските автори, Франческо Раниери Мартиноти на здружението „АНАК-Аутори“ (ANAC-Autori) и Франческа Коменини на „Ченто Аутори“ (Cento Autori). Ова е редок гест на една од најреномираните институции во светот.

Исклучително ни е жал што слушаме дека се соочувате со масовна политичка кампања на клевети, лични закани и политичка и професионална црна листа. Потписниците на ова писмо – кое ја покажува загриженоста што ја делат Венецискиот филмски фестивал и двете италијански здруженија кои ги претставуваат авторите и филмаџиите на нашата земја: ANAC-Autori и Cento Autori – сакаат да ви ја изразат нашата безусловна солидарност, истакнале Алберто Барбера, директор на Венециски филмски фестивал, Франческо Раниери Мартиноти – претседател на ANAC-Autori и Франческа Коменчини, претседателка на Cento Autori“.

Меѓу другото напишале дека ја знаат и ценат работата на Манчевски како уметник, која како што велат, секогаш се одликува со критериуми на апсолутна етичка и морална коректност, на експресивна доследност поттикната од силно чувство на општествена одговорност и интелектуална чесност. 

Затоа уште повеќе се чудиме што вашето храбро осудување на неправилностите направени од агенцијата одговорна за поддршка на македонската кинематографија беше проследено со неверојатна кампања на прогон и континуирано непријателство од страна на агенцијата чие недолично однесување, згора на сè, беше потврдено. Искрено се надеваме дека претстојното објавување на резултатите од новата истрага спроведена од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), конечно ќе ја расветли целата ситуација и ќе стави крај на прогонот што го претрпевте досега, стои во писмото.

На писмото одговорил и самиот режисер.

Просто ми е непријатно што дури и една Венеција сега се бави со корупцијата и политичкиот прогон во Македонија. Корупцијата, местењето конкурси и крадењето треба да запрат во Агенцијата за филм и во ДФРМ. Не сум единствен кој очекува дека Владата и Обвинителството доблесно ќе постапат“. Поддршката на најстариот фестивал на светот доаѓа по повеќемесечната хајка против Манчевски, затоа што тој укажа на корупција во владината агенција. Хајката ја водеа раководствата на Агенцијата за филм и ДФРМ.

Откако „Банана филм“ на Манчевски ја пријави Агенцијата за филм за корупција, раководството на Агенцијата ја блокираше својата поддршка за проектите на Манчевски, завршениот „Кајмак“ и новиот „Збогум, Копакабано!“ (работен наслов „Биста“) и поднесе кривична пријава против „Банана филм“ со лажни наводи за неправилности во работата. Дека наводите се лажни потврди и инспекцискиот надзор на Министерството за култура, посочил Манчевски.

Македонскиот режисер е дел од славната историја на Венецискиот фестивал: во 1994 година „Пред дождот“ го освои Златниот лав, во 2001 година „Прашина“ го отвори фестивалот, а во 2013 година по повод 70 роденден на фестивалот, Манчевски беше поканет во екипата режисери да сними краток филм и „Четврток“ беше дел од таа селекција. Манчевски во 2012 беше и во жирито во венециската програма Хоризонти.

Слични содржини