Пјер Дениз, науката и македонските студенти

од Марта Пешевска
79 прегледи

 ИНТЕРВЈУ Пјер Дениз, претседател на Универзитетот во Каен, Нормандија

 

Универзитетот Каен, сместен во истоимениот град во историски позната област Нормандија, е еден од најстарите универзитети во Европа. Формиран е 1432 година од англискиот крал Хенри Шести, па затоа се смета и за трет англиски универзитет по Оксфор и Кембриџ. Годишниот буџет на Универзитетот е 225 милиони евра, брои вкупно 30.000 студенти во сите нивоа на високо образование. Вработува над 1.500 професори и професори – истражувачи и има мошне динамична меѓунардона соработка со над 250 универзитети во 53 земји во светот.

Веќе четврта година на овој унивезритет учат и македонски студенти, а секоја година интересот е се поголем. За работата, финансирањето, можностите што ги нуди, профилот на кадри кои ги создава и предизвиците со кои се соочува во интревју за МИА говори претседателот на овој Универзитет, што по ранг е ниво на ректор во нашиот образовен систем, проф. др Пјер Дениз, кој минатата недела присуствуваше на Саемот за студии во Франција 2018, организиран од Францускиот институт во Скопје.

Тој е доктор од областа на неврологијата, специјалист по медицинска физиологија, а заедно со неговиоит тим е ангажиран во развивање научно-истражувачки програми за однесувањето на астронаутите, тестирајќи научни претпоставки за човечката физиологија во вселената.

Што е тоа што го издвојува Универзитетот во Каен и зошто студентите би посакале да бидат запишани на вашата високообразовна институција?

-На Универзитетот во Каен се нудат сите нивоа на студии во речиси сите домени. Се нудат студии од прва година се до докторски студии и истражувачки проекти. Високото образование е секогаш врзано со истражувачките проекти, со научна работа. Можам да кажам дека во Каен може да вршите научно-истражувачка работа во сите домени. Во однос на научно-истражувачките проекти она што не издвојува, што прави да бидеме поразлични и многу подобро развиени од другите, е во доменот на нуклеарната физика. Располагаме со еден огромен акцелератор што произведува тешка вода, какви има само четири во светот. Потоа можностите што се нудат во доменот на математиката, на се што е поврзано со студии по медицина, биолгоија и дигитална документација.

Каква е организациската поставеност и финансирањето на Универзитетот?

-Универзитетот организациски е поставен слично како во Русија. Имаме поголеми истражувачки центри. Располагаме со 46 лаборатории, од кои 22 се од поголем тип и се поврзани со други национални институти. Во однос на принципот на нивното финансирање, основните финансии доаѓаат од самиот Универзитет, потоа од националните истражувачки центри за научна работа, а најголем дел и главното финансирање е преку проекти. Често има повици за проекти на кои аплицираме. Тоа може да бидат повици кои ги објавува регионот, може да бидат на национално ниво, а може да доаѓаат и од европските фондови. Така што најчесто се финансираме преку повици за проекти.

Лабораторијата што јас ја раководев пет отсто беше финансирана од Универзитетот, пет отсто од т.н. Академија на науки по медицина, а останатите 90 отсто се финансиравме преку проекти. Она што треба да се нагласи е дека платите за професорите и научните работници доаѓаат од државата.

Што значи поседувањето на овие лаборатории во однос на едукацијата и практичната обука на студентите?

-Во Франција во текот на додипломските тригодишни студии, студентите имаат некоја пракса, но кога ќе дојдат на мастер таа пракса е задолжителна без оглед за кој домен на студии станува збор. Всушност, тие се обврзани да имаат пракса по неколку месеци и тука доаѓаат до израз овие лаборатории.

Како се утврдува годишно бројот на новопримени студенти. Кои се критериумите за прием на студенти, дали бројот е диктиран од потребите на државата или од интересот за запишување на студиските програми?

-Мисијата на Универзитетот е да ги прими сите што сакаат да се запишат на него. Меѓутоа имаме исклучоци, има катедри кои мора да бидат селективни. Таков е примерот со технолошките институти на универзитетите. Тие функционираат во рамки на самите универзитети, но како посебни единици. Нудат студии од различни домени и се поселективни.

Потоа, кај студиите од областа на спортот бројот на студенти што можеме да ги примиме зависи од инфраструктурата со која располагаме. Но, секогаш одиме на тоа да примиме максимум студенти што можеме. Како пример, годишно, од 10.000 кандидати што се пријавуваат за студирање, само 18 моравме да одбиеме, а најголем дел од нив токму во доменот на спортот.

Таков е и случајот со студиите по медицина. Во Франција нема приемен испит за упис на прва година на медицински студии. Но тоа, е посебна година која е заедничка за сите студенти од сите домени во медицината ( лекари, стоматолози, фармацевти…). Таа прва година се смета како еден вид приемен испит. Само оние што ќе положат, што ќе успеат да ја завршат продолжуваат во втора година и тука се прави таа селекција.

Францускиот образовен систем е специфичен, но е дел од Болоњскиот процес и  го признава кредит трансфер системот. Имате ли странски студенти и конкертно од Македонија?

-Повеќе од осум проценти од нашите студенти се од странство. Повеќето доаѓаат за додипломски студии, но има и на мастер студии. Но, имаме и доста студенти кои доаѓаат преку Еразмус плус програмата за размена на студенти.

Од Македонија ова година имамем вкупно 26 студенти. Од нив двајца се на магистерски студии, а останатите се на додипломски. Ова е четврта година како имаме студенти од Македонија. Пред четири години имавме само еден запишан студент. Македонските студенти имаат многу добри резултати, можеби подобри и од француските. На почетокот повеќето беа ориентирани кон природните науки, информатика, електро-техника. Секоја година, со доаѓањето на повеќе студенти се проширува и опсегот на домени. Годинава имаме студенти на отсекот за биологија, хемија, јазици.

Можеме ли да зборуваме за трендови во однос на развојот на образованието, каде се вложува најмногу, кои се новите приоритети?

-Тенденцијата е да се оди кон поголема автономија на универзитетот. Меѓутоа, тоа има добри и лоши страни. Во моментов имаме еден систем каде што дипломите имаат иста важност на ниво на цела Франција, каде трошоците за школарината се секаде исти, и би сакале така и да остане, меѓутоа не сме сигурни во тоа.

Каен Универзитетот има мошне динамична меѓународна соработка, соработувате со над 250 универзитети од 53 земји во зветот. Постои ли соработка со македонските универзитети?

-Можно е следната година при посета на Македонија да потпишат спогодба за соработка со некои од македонските универзитети. За тоа веќе стана збор со раководството на Универзитетот „Св. Кирил и Методи“ и со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, со кого веќе имаме одредени врски. Со Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип имаме соработка во рамки на Еразмус плус програмата. Заинтересирани сме особено за соработка со медицинските факултети и студентите по медицина.

Што е она од личната карта на Универзитетот што би било привлечно и треба да да го знаат потенцијалните студенти од Македонија?

-Каен е универзитет кој по големина е средно голем (ниту мал, ниту голем) и токму тоа му дава една човечка димензија и го прави оптимална средина. Тоа овозможува попријатно и полесно адаптирање на студентите, кои се во опкружување кое нуди полесна и подобра комуникација и запознавање со професорите. Колегите од одделот за меѓународна соработка ги знаат сите студенти од Македонија, го следат нивното напредување и развој, и се упатени во тоа дали имаат некакви проблеми. Сето тоа е многу битно за успехот на студентите.

Каен не е голем град, а тоа влијае и на животните трошоци. Како пример, Каен е двојно поевтин од Париз и од други поголеми градови каде трошоците се значително повисоки. Има богат културен живот. Секоја година е меѓу првите десет најдобри градови за студирање според рангирањето што го прават самите студенти. Во 2016 година бевме први на таа листа, а тоа потврдува дека Каен е навистина убаво и пријатно место за живеење и студирање.

Виолета Геров