„Плачи срце, но немој да се скршиш“

од desk4
225 прегледи

Секој ден се будиме малку променети и личноста која сме биде вчера умира. Па зошто би биле уплашени од смртта кога таа постојано ни се навраќа – напиша Џон Апдајк.

Половина милениум порано Монтањ во малку поразлична форма, во својата „медитација“ за смртта и уметноста на живеењето сподели сличен став: „Да тагуваме затоа што нема да бидеме живи за сто години е подеднакво будалесто како кога би биле разочарани што не сме живееле пред сто години“.
Сепак, идејата за смртта, наша или уште повеќе на оние кои ги сакаме, продолжува да не скаменува.

И, кога еден возрасен човек, покрај рационалното препознавање на неизбежноста и неопходноста на смртта останува толку вознемирен од самата идеја, тогаш како на едно дете би му ја направиле појасна и би го оставиле со чувство на смиреност и прифаќање – пишува Brainpickings во воведот на исклучителната детска графичка сказна „Плачи срце, но немој да се скршиш“ од данскиот писател за деца Глен Рингтвед и илустраторката Шарлота Перди.

Рингтвед, познат по претходните комични и „немирни“ приказни, вели дека оваа е поинаква и произлегла од неговото лично искуство, кога се обидувал на неговите деца да им објасни за болеста на нивната баба и неизбежноста на она што следува – нејзината смрт.

Токму таа, бабата, во нејзините последни денови им зборувала дека длабоката тага е нешто потполно нормално кое треба да си го дозволат, да поминат низ тоа чувство наместо да му се спротивставуваат. Да го сфатат како неминовен дел од целината на животот кој продолжува да им се открива.

Топлата и тажна сказна почнува „во мала и пријатна куќичка“ каде четири деца живеат со својата сакана баба.
Внимавајќи да не ги исплаши децата, Смртта, која доаѓа за да ја земе бабата, пред да влезе го остава српот покрај вратата. Преку овој мал, но промислен и благороден гест, ја осознаваме во ново светло – во нејзината неочекувана нежност и љубезност.

Седнува на кујнската маса, каде што само малечката Лиа се осмелува да гледа директно во неа.

Она што ја прави книгата исклучително емотивна се експресивните илустрации на Перди преку кои ја доживуваме и самата Смрт како скршена и раскината меѓу чувството на резигнираност и сочувство, но и желба да им недомести на децата за претстојната загуба и болка.

Во тишината децата го слушаат рапавото дишење на бабата која лежи во собата горе, потполно исто како дишењето на Смртта на масата и сфаќаат дека е дојдена по бабата и дека имаат многу кратко време.

Верувајќи дека Смртта работи само ноќе децата постојано наново и наново и ја полнат шолјата со кафе надевајќи се дека таа нема да забележи дека дошло утрото и ќе мора да замине без бабата.

Смртта повторно изненадува со својата едноставност. Веројатно нема ништо поприземно, поедноставно и исполнето со љубов кон животот, од уживање во шолја топло кафе на кујнската маса.

Сепак, во еден момент со својата ковчеста дланка ја покрива шолјата и им дава знак дека времето е дојдено. Лиа ја зема нејзината дланка во своите мали рачиња и едноставно прашува „Зошто баба мора да умре?“.

„Некои луѓе веруваат дека срцето на Смртта е мртво и црно како јаглен, но тоа не е точно, под нејзината црна наметка, нејзиното срце е црвено како зајдисонцето и со секое отчукување ја пренесува својата безгранична љубов кон животот“.

И повторно, преплавена со љубов, нежност и сочувство за децата и со надеж дека така поедноставно ќе разберат зошто умирањето е неопходно и природно, одлучува да им одговори раскажувајќи им приказна.

Им раскажува за двајца браќа, Тага и Болка, кои живееле во темна долина и животот им поминал „споро и тешко“ бидејќи никогаш „не погледнале подалеку од сенките на врвот на ридот“.

Зад тие сенки, постојано насмеани живееле две сестри, Среќа и Радост.  Единствена сенка врз нивната среќа фрлало чувството дека нешто им недостасува. Не знаеле што, но чувствувале дека нешто пропуштаат и не можат потполно да уживаат во својата среќа.

Додека Смртта раскажува, малата Лиа клима со главата знаејќи што следува – Сестрите ќе се сретнат со браќата и ќе се вљубат, ќе станат две совршено балансирани двојки: Тага и Среќа, Болка и Радост.

Потоа Смртта им вели на децата:
„Колку ќе вредеше животот доколку не постоеше Смртта? Кој ќе уживаше во сонцето доколку не постоеше дождот? Кој ќе копнееше за денот, ако не постоеше ноќ.  Исто е со животот и смртаа.“

„И тогаш, нешто тешко и прекрасно, конечно беше вистински прифатено“.

Кога смртта конечно станува од масата и тргнува кон скалите, најмалото момче станува за да ја сопре – но неговиот постар брат го фаќа за раката и нежно го премислил.

Само момент потоа, децата слушаат како се отвора прозорецот од собата на бабата, и глас, некаде помеѓу плач и шепот изговара: „Летни Душо. Одлетај“.

„Завесите се лулаа од утринскиот ветер. Смртта ги погледна децата и тивко им рече „Плачи Срце, но немој да се скршиш. Нека низ твоите солзи, од тага и болка, се роди нов живот“. И исчезна.“

Години потоа, секогаш кога децата ќе го отвореа прозорецот помислуваа на нивната баба. Секогаш кога ветрот ќе им го допреше лицето, го чувствуваа нејзиниот допир„

….

Повеќе нема што да се каже.

Во целото шарениво на детски книги, понекогаш се појавуваат и мали  чуда.
На родителите, наставниците и „Бироата за развој“  е да ги препознаат и споделат.

Лени Фрчкоска /Либертас