Планетарната одбрана пропушти премин на астероид – помина 400 км од Земјата на петок 13-ти (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska

Астероид наречен 2020 VT4 се приближи на Земјата на само 400 километри без никој да забележи. Блиската средба се случи во петокот, 13 ноември и беше откриена едвај кога се оддалечи од нашата планета.

Оддалеченоста на астероидот од само 400 километри од Земјата е рекордна близина, а системот за предупредување за астероиди, АТЛАС на Хаваите го забележал 15 часа откако се приближил на нашата планета.

Овој астероид е со дијаметар од пет до десет метри и е двојно помал од оној што експлодираше над Челјабинск во 2013 година, и најверојатно би изгорел во атмосферата, пишува РТ.

Ова е досега најмало растојание од кое било небесно тело што не паднало на Земјата, откако се бележат такви средби. Претходниот рекорд го држеше астероидот 2020 QG, кој на 16 август годинава ни се приближи на 3.000 километри.

Поради приближувањето кон Земјата, орбитата на овој астероид исто така е променета, па сега неговата орбита низ Сончевиот систем е 315 наместо 549 дена. Според новите пресметки, тој повторно ќе и се приближи на Земјата на 13 ноември 2052 година, но треба да помине растојание од 2,89 милиони километри.

Незабележаниот пристап на астероидите го покрена прашањето дали системите за рано предупредување за такви феномени се навистина ефикасни, како што велат, кога предмет што дошол толку блиску до нас не бил забележан на време.

Слични содржини