По 500.000 евра ќе добијат режисерите Теона Стругар Митевска за проектот „Најсреќниот човек“ и Милчо Манчевски за „Кајмак“ во категоријата долгометражни играни филмови со мнозински македонски удел. Одлуката за прифатените проекти за финансиска поддршка по објавениот конкурс од 15 јануари 2020 во првиот рок на одлучување, ја донесе Управниот одбор на Агенцијата за филм. Поддршка ќе добијат уште 18 филмски проекти во различни категории.
Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија на прес-конференција соопшти дека конкурирале 60-ина проекти и квалитатени, од кои очекува добри филмови. Имале тежок конкурс не поради бројот на пријавени, зашто порано имале и до 120, туку затоа што покрај пандемијата, рече, трпеле и многу притисоци и работат со намален буџет.
Буџетот за Агецијата за филм е 2,5 милиона евра од Владата, но голем удар е, рече тој, тоа што без консултација Министерството за култура во март им скратило околу 750.000 евра односно 30 проценти. Тозија смета дека има многу политика во доделувањето пари за филм, но дека постојат закони, а за себе кажа дека не е спремен за компромиси.
– Конкурсот е завршен и резултатите се објавени дури и пред време. Ова беше тежок и тензичен, предизборен период, во политичка атмосфера која се чувствува секој ден. Имаше невиден притисок од институциите кои си ги надминаа овластувањата да вршат приситок врз Агенцијата. Притисок и од медиумите и од филмски автори кои ги сметаат за многу влијателни личности. Секогаш ќе има незадоволни, но начинот на изразување на незадовлството никогаш не бил ваков. Добивме такви незаслужени удари дека на некој мора да му се даде, но јас не сум спремен на некои компромиси. Имаме корона, а со сето ова имавме дупла корона, рече Тозија.
Притоа тој им се заблагодари на рецензентите зашто иако работеле под притисок одлично ја завршиле работа и зашто листата на филмови е одлична и даваат шанса, како што рече, да веруваме во продолжување на новиот македонски филмски бран, да има награди на фестивали и промовирање на македонската кинематографија.
Немаат приговори од продукциите за доделена финансиска поддршка на прифатените проекти, а за некои од одбиените, рече, или не биле квалитетни или не ги исполнувале критериумите. Посочи дека не ги избираат авторите по етничка припадност, а дека деведесет проценти од кандидатите лично не ги познава.
Во врска со предметите што против него ги покрена Антикорупциската комсиија и иницијативата Владата да го разреши од директорката функција во Агенцијата за филм, Тозија одговори дека во ДКСК „немаат овластувања за такви работи, но имаат мотив“ и дека тоа е поттикнато од режисерот Милчо Манчевски.
– Мотивот е многу специфичен да го кажам. Имам јас адвокатски тим кој работи на тоа и тоа ќе биде објавено кога ќе дојде малку помирно време. Сакам да се радуваме на успесите на државата, а не да влегувам во такви валкани игри. Меѓутоа, притисокот беше евидентен. Знаеме кој ја повика Антикорупциска и со кои мотиви, кој го инволвира Министертството за култура, кое стана дуќанче на дотичниот. Милчо Манчевски не е ниту мој проблем, ниту на Агенцијата. Ако продолжи вака, Мило Манчевски е проблем на Македонија. Сум му бил продуцент на „Пред дождот“ и сум направил многу, многу за него, да остане режисер, да го заврши филмот и филмот да му биде успешен, рече Тозија.
Тој соопшти дека поднел барање во Владата неговата функција да не заврши „како што сакаат Антикорупциска и Милчо Манчевски“. – Дали ќе ми одобрат или не, не знам. По закон, имам уште право да бидам, и ако во Владата ми ја дадат довербата – добро, ако не – ми завршува мандатот и ви благодарам многу, рече Тозија на прес-конференцијата.