Според законската регулатива, по завршувањето на вонредната состојба треба да бидат продолжени изборните дејствија за предвремените парламентарни избори. Ако изборите се одржат на 5 јули, согласно роковите, денеска треба да почне изборната кампања, односно 20 дена пред денот на гласањето.

Владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ и покрај средбите на партиските лидери, се уште не можат да се усогласат за изборниот датум.
За СДСМ, прифатливи термини се 5 или 8, а ВМРО-ДПМНЕ инсистира на 15 јули. Власта вели дека избори мора да има што поскоро заради враќање на институциите во полн капацитет и легитимитет и за подобро справување со здравствената и економската криза предизвикана од Ковид-19.
Опозицијата, пак, кажа дека нема учествува на избори на 5 или на 8 јули и предупредува на можна политичка криза.
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечер во 19 часот ќе одржи седница на која партиското раководство ќе дискутира за актуелната политичка состојба во земјата, за здравствената криза, но и за идните активности на партијата.
Од опозициската партија не откриваат дали партиските лидери или претставници на партиите ќе разговараат за датумот за избори. Официјално засега ВМРО-ДПМНЕ останува на својот став за избори на средина на јули и присуство на меѓународни набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР, а СДСМ за избори на 5 јули, за што роковите почнаа да течат.
ОБСЕ/ОДИХР распиша конкурс за експерти кои треба да ги следат предвремените парламентарни избори во Северна Македонија на 5 јули годинава. Во соопштение објавено денеска на интернет-страницата на институцијата, се наведува дека е прифатена поканата на македонската влада за следење на изборите.
„По официјалната покана да се набљудуваат предвремените парламентарни избори во Северна Македонија на 5 јули, и во согласност со својот мандат, ОДИХР се подготвува да испрати Специјална мисија за проценка на изборите“, се наведува во соопштението.
Во отворениот конкурс кој завршува на 16 јуни, ОДИХР бара шеф и заменик на шефот на мисијата во Северна Македонија, политички аналитичар, изборен аналитичар, аналитичар за регистрација на гласачи, правен и медиумски советник.
Мисијата ќе биде во траење од три недели, а сите кандидати треба да бидат на располагање за извршување на задачите уште од 19 јуни.
Додека пак раководството на СДСМ денеска ќе го продолжи вчерашниот состанок, па во текот на денот треба да излезе со став за изборниот процес.
-СДСМ покажа дека за секое прашање во државата има свои јасни политички ставови од кои не отстапува, туку влегува во една нивна реализација. Ние разговаравме во раководството на партијата, денеска продолжува нашиот состанок во однос на овие теми и нормално дека СДСМ ќе излезе со став во делот на изборниот процес. Јас не можам да разберам, не го разбирам ниту Мицкоски ниту ВМРО-ДПМНЕ, не можам да видам од сите тие нивни соопштенија и обраќања, кога тие всушност би посакувале да има избори. Ние се навикнавме на тоа дека нашата опозиција нема ставови за клучните прашања и тоа не ме изненадува, но мораме да имаме висока свест во оваа здравствена и економска криза, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски во неговото гостување во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ .
Претседателот на државата Стево Пендаровски во обид да се усогласат ставовите организираше неколку лидерски средби, кои завршија без договор. Пендаровски во петокот во обраќањето до јавноста повика на меѓупартиски консензус за изборите. Порача дека е можно и ново продолжување на вонредната состојба, но само ако има договор меѓу партиите за датумот за избори.
Од друга страна, ДИК вчера не донесе Роковник за избори на 5 јули, што остава простор дека сепак денеска би можело да дојде до некаква промена.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски смета дека нема причина за закажување на седница на ДИК заради фактот, што според него, за да продолжи целиот изборен процес треба прво претседателот на Собранието Талат Џафери да донесе решение со нов датум за избори.
За МИА вели дека ниту кажал дека денеска ќе свика седница, ниту, пак, планира да го направи тоа додека не добие решение од претседателот на Собранието.
„Од денеска сме во редовна состојба во државата и важи Изборниот законик, а не некои уредби што ги донесе Владата за време на вонредната состојба. Четворицата членови на ДИК од СДСМ и БЕСА ми пуштија пред два часа барање за свикување на седница. Согласно деловникот имаат право да побараат, меѓутоа во барањето се повикуваат на уредбите, а според мене и според многумина во државата и експертска и друга јавност и Уставниот суд уредбите важат само додека трае вонредната состојба. Немам рок за одговор, но ќе им одговорам дали ќе закажам или не седница. Им оставам сами да одлучат како ќе постапуваат, а јас нема да учествувам во незаконити дејствија“, изјави Деркоски.