По пет години од влезот во НАТО, во Македонија ги нема очекуваните инвестиции и економски раст

Македонија откако постои не остварила поголема стапка на економски раст од 2,2 отсто. Ова покажува дека членството во НАТО нема никакво влијание врз економскиот раст. Исто така не се намали и одливот на млади квалификувани кадри, што беше едно од очекувањата. Иселувањето на младите продолжи со позасилено темпо и тоа претставува дополнителен проблем за економијата на државата. Пет години не се малку за да видиме поочигледни резултати кои не ги видовме, вели Хајредини за „Локално“

од Vladimir Zorba
437 прегледи

Македонија одбележува пет години од членството во НАТО. Земјава влезе во Алијансата како 30-та членка, за што претходно требаше да го исполни условот за решавање на спорот за името со Грција. Но, и покрај тоа што со влезот во Алијансата се очекуваше да се зголеми економскиот раст, инвестициите, вработувањата, да се намалат корупцијата и криминалот, сепак голем дел од овие очекувања не се остварија. Дел од експертите сметаат дека влезот во НАТО даде многу можности, но прашање е колку ние успеавме да ги искористивме.

Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини смета дека членството во НАТО не ги даде очекуваните ефекти во смисла на зголемување на инвестициите, БДП и на економијата воопшто.

-Зачленувањето на Македонија во НАТО предизвика голема еуфорија. Очекувавме многу од влезот во Алијансата, но не добивме ништо освен одбранбен чадор. Очекувањата за пораст на странските инвестиции и економскиот раст не се остварија. Сега после 5 години ни е јасно дека уште помалку треба да се надеваме со оглед на тоа дека новиот американски претседател Доналд Трамп сака да направи промени во форматот на учеството на САД во НАТО. Тој изразува резерва околу улогата и значењето на НАТО и најавува намалување на трошоците за одбрана на САД за НАТО. Постојат најави дека САД може да го напушти НАТО. Алијансата во иднина може да добие друга улога доколку остане организација за безбедност. Овие промени, за кој засега има само најави наскоро ќе бидат разјаснети, изјави за „Локално“, Џевдет Хајредини.

Џевдет Хајредини

Џевдет Хајредини

Според него, Македонија нема потреба да се надева на помош однадвор и да бара сојузништво со Кина и Русија. Едноставно треба да размисли како да ги среди работите дома. Откако ќе ги среди работите во државата инвеститорите сами ќе дојдат.

-Да не се надеваме премногу на поддршката од членството во НАТО и на поддршката која би ја добиле откако ќе станеме членка на Европската унија. Треба да ги средиме работите во нашата држава и сами да си создадеме услови за поголеми инвестиции. Се покажа дека очеувањата од членството во НАТО не се остварија ниту во борбата со криминалот и корупцијата, ниту во привлекувањето на странските инвестиции. Македонија откако постои не остварила поголема стапка на економски раст од 2,2 отсто. Ова покажува дека членството во НАТО нема никакво влијание врз економскиот раст. Исто така не се намали и одливот на млади квалификувани кадри, што беше едно од очекувањата. Иселувањето на младите продолжи со позасилено темпо и тоа претставува дополнителен проблем за економијата на државата. Пет години не се малку за да видиме поочигледни резултати кои не ги видовме, смета Хајредини.

Универзитетскиот професор Јован Пејковски, пак смета дека членството во НАТО е голема придобивка не само за безбедноста, туку и за економијата на Македонија.

-Влезот на Македонија во НАТО овозможи не само безбедносни, туку и придобивки за економијата со вклучување на наши фирми кои работат на производство на материјали и опрема кои и требаат на Алијансата. Со членството во НАТО нашите компании добија поголема можност да се вклучат во тие зделки. Градењето на заедничка безбедносна и одбранбена унија е исто така шанса државите членки на НАТО да учествуваат во обезбедување на опрема и производи за потребите на Алијансата. Ние немаме сопствени капацитети, но македонски компании може да се вклучат во производство на делови и давање на услуги за компании од земјите кои се членки на НАТО, изјави за „Локално“, Јован Пејковски.

Јован Пејковски

Јован Пејковски

Пејковски вели дека со влегување под чадорот на НАТО, Македонија стана постабилна и попривлечна за странските инвеститори.

-Со оглед на фактот дека странските инвеститори бараат сигурна и стабилна држава за да ги осигураат нивните инвестиции можеме да очекуваме дека во иднина тие ќе се зголемуваат, додава Пејковски.

Анализите покажуваат дека во некои земји во првите пет години по влезот во НАТО споредено со периодот од пет години пред влезот во НАТО, БДП –то просечно им се зголемило за 90 отсто, а странските директни инвестиции за дури 292 отсто. Меѓутоа, не може да се тврди дека овие позитивни промени се директна последица на влезот во НАТО, бидејќи истовремено земјите поминуваат и низ интегративните процеси во Европската Унија и други засилени процеси на структурни реформи. Сепак, постоењето корелација помеѓу овие позитивни промени и членството во НАТО се охрабрувачки за една потенцијална земја-членка како Македонија.

Б.С.

Слични содржини