Побиени модерните митови за ракот

од desk2
158 прегледи

Идејата дека поради животниот стил луѓето почесто се разболуваат од рак е претерана. Фактите од минатото говорат нешто друго. Пред две години во Јужна Африка се пронајдени остатоци од диносаурус кој живеел пред 1.7 милиони години и починал од рак на коски. Ракот како болест бил почеста појава во античко време, но тоа не може сега да се потврди бидејќи фосилизацијата ги има избришано повеќето докази за болеста.

Поради погрешното толкување на неколку помали истражувања веруваме дека ракот е модерна болест предизвикана од човечкото делување, болест на модерното врме. Но, таквите размислувања предизвикуваат непотребен страв од животот во современи услови и создавање на модерни митови за оваа болест, пишува Guardian, побивајќи ги модерните митови за ракот.

1. Мобилните телефони предизвикуваат рак

Светската здравствена организација направи истражување во кое беа проучувани илјадници луѓе во 13 земји низ светот во периодот од 2000 и 2006 година, за резултатите да покажат дека мобилните телефони не ја зголемуваат веројатноста за добивање тумор на мозокот.

Во основа, ракот се создава од оштетена ДНК која почнува да испраќа искривени реплики на нормални здрави клетки. Рендгенските зраци или радиотерапијата содржат голема количина на енергија, но мобилните телефони носат мала. За разбивање на ДНК е потребно голема количина енергија, Wi-Fi зрачењето пренесува уште помала енергија од мобилните.

Меѓународната агенција за истражување на ракот ги наведува мобилните телефони како можни канцерогени, но оваа класификација значи дека само постои хипотетичка врска која не може да се исклучи, а не дека постои реална веројатност да предизвикува рак.

2. Органска храна

Популарно е верувањето дека органската храна има антиканцерогено дејство. Мишел МекКали од Светската фондација за истражување на ракот е еден од најголемите експерти за исхрана и канцерогени заболувања. Според неа, засега нема силни докази кои би ја поддржале идејата дека органската храна нуди дополнителна заштита од ракот во споредба со конвенционално одгледуваните производи.

Soil Association, британска иснтитуција која издава сертификати за органско одгледување, вели дека секое тврдење за поврзаност на органско одгледување и ракот нема цврсти научни докази. Останатите придобивки од еколошкиот развој се реални, како намалената употрба на антибиотици кај животните и пестициди кај растенијата.

3. Хемиски загадувања

Според Кејти Едмундс од британскиот Центар за истражување на рак, во време на лажни вести постојат многу митови поврзани со ракот поради кои луѓето моментално не треба да се грижат, како користење на пластични шишиња или дезодоранси. Знаеме дека нечистиот воздух може да го зголеми ризикот од рак на бели дробови и важно е владите да преземат нешто за загадувањето, но, во смисла на работи кои луѓето можат сами да ги направат, најдобар совет е да престанат да пушат, да одржуваат здрава тежина и да уживаат во сонцето.