Почина грчкиот полицаец кој беше погоден од сигнална ракета во навивачки конфликт

од Stefanija Kuzmanovska
187 прегледи

Денеска почина 31-годишниот припадник на грчката полиција, кој се здоби со сериозни повреди на почетокот на декември откако беше погоден од сигнална ракета за време на навивачки конфликт, соопштија од болницата каде што бил згрижен.

Полицаецот бил погоден во пределот на бутот за време на навивачкиот конфликт што се случи во Пиреја, каде на 7 декември се играше дербито на грчкото одбојкарско првенство меѓу Олимпијакос и Панатинаикос. Полицаецот бил пренесен во болница со тешко крварење, каде лекарите биле принудени да му ја ампутираат ногата во обид да му го спасат животот.

По овој трагичен настан, набрзо е уапсен 18-годишник, кој признал дека го гаѓал полицаецот со сигнална ракета.

Навивачите на грчките клубови најмногу се судираат за време на фудбалските дербиња, но не е невообичаено за своите соочувања да користат и други спортски настани, како кошарка и одбојка.

Зголеменото насилно однесување меѓу навивачите во Грција доведе до одлука на Владата да ги затвори сите прволигашки фудбалски стадиони на два месеца, каде првенствените натпревари ќе се играат без публика до 12 февруари.

За да се спречи хулиганско однесување, Владата пропиша поставување на камери со висока резолуција на сите стадиони и воведување електронска идентификација за сите посетители.

Зголеменото насилство на навивачите доведе и до оставка на првиот човек на грчката фудбалска лига, Вангелис Маринакис.

Слични содржини