Почина познатиот грчки преговарач во спорот за името со Македонија

од Nikola Popovski
390 прегледи

Грчкиот дипломат Адамантиос Василакис, кој беше главен преговарач на нашиот јужен сосед во разговорите под покровителство на ОН за името Македонија, почина на 79-годишна возраст, објави „Катемерини“.

Роден на 13 јуни 1942 година во Хиос, Василакис се приклучи на Дипломатската служба во 1972 година и за време на неговиот мандат служеше на клучни позиции во Европската унија и Обединетите нации.

Во годините 2002-2007 година тој беше постојан претставник на Грција во Обединетите нации, додека од 2005 до 2006 година ја претставуваше Грција во Советот за безбедност на ООН.

Од 2007 година, тој ја претставуваше Грција во 27-годишниот спор со Македонија, со посредство на Метју Нимиц, американскиот дипломат кој служеше како специјален претставник на Обединетите нации за спорот со Грција.

„Министерството за надворешни работи жали за загубата на амбасадорот Адамантиос Василакис, одличен дипломат кој ја почести својата татковина и беше модел и извор на инспирација за сите оние што имаа среќа да се сретнат со него“, се вели во соопштението на грчкото министерство.

Спорот за името заврши со договорот од Преспа, кој беше потпишан на 17 јуни 2018 година на церемонија на високо државно ниво на Преспанското Езеро, од тогашните министри за надворешни работи, Никос Коѕијас и Никола Димитров, во присуство на премиерите, Алексис Ципрас и Зоран Заев.

Foto: Νεφέλη Λυγερού