Починаа 15 од 23 мајмуни со вградени мозочни чипови од компанијата Neuralink на Маск

од Vladimir Zorba

Голем број американски медиуми објавија алармантни информации од Комитетот на лекари за одговорна медицина (PCRM) за експериментите со мозочниот чип Neuralink на Елон Маск на калифорнискиот Универзитет Дејвис.

Групата за права на животните прегледала повеќе од 700 страници документи, ветеринарна евиденција и потврди за смрт преку барање за јавни документи на Универзитетот. Излегува дека помеѓу 2017 и 2020 година умреле 15 од 23 мајмуни вклучени во експериментите.

Neuralink е основана во 2016 година за да им помогне на луѓето да се опорават од трауматски повреди на мозокот и ‘рбетниот мозок. Според планот, имплантите ќе можат да помогнат при депресија и други ментални нарушувања.

Во подоцнежна фаза, тие ќе можат да ги поврзуваат луѓето на Интернет за сè, од стриминг музика до речиси телепатска комуникација. Компанијата често ги истакнуваше своите успеси, како што е демонстрацијата на свиња во 2020 година и видеото од 2021 година во кое мајмун игра видео игра само со својот ум.

Проектот привлекува голем интерес кај познатите личности, а луѓето кои страдаат од парализа честопати бараат на социјалните мрежи Маск да биде вклучен во испитувањата на луѓе. Претходно, претприемачот рече дека се надева дека ќе започне испитувања на луѓе во 2021 година, но таа цел беше одложена за 2022 година. Сепак, врз основа на наодите на PCRM, мозочните чипови можеби не се подготвени.

„Речиси секој мајмун со имплант на глава претрпел болни здравствени последици“, вели Џереми Бекам, директор за истражување на PCRM. „Искрено, тие осакатуваат и убиваа животни“, рече тој, цитиран од „Стандард“.

Чиповите Neuralink се имплантираат со дупчење дупки во черепите на мајмуните. Еден од приматите развил тешка инфекција на кожата и морал да биде еутанизиран. Откриено е дека на друг мајмун му недостасуваат прсти на рацете и нозете, „веројатно поради самоповредување или друга неодредена траума“. Морало и тој да биде убиен.

Трето животно набрзо по операцијата почнало неконтролирано да повраќа, а неколку дена подоцна „изгледало дека се онесвестило од исцрпеност“. Обдукцијата покажала дека животното има церебрално крварење.

Во четвртокот, PCRM поднесе жалба до Министерството за земјоделство на САД, обвинувајќи ги Универзитетот Дејвис и Neuralink за девет прекршувања на Законот за благосостојба на животните.

„Многу мајмуни, ако не и сите, претрпеле исклучителни страдања како резултат на несоодветна грижа за животните и високо инвазивни експериментални импланти во нивните глави за време на експериментите што беа спроведени за да се развие она што Neuralink и Елон Маск јавно го опишаа како „мозочно-машински интерфејс“, напиша групата во жалбата.

Портпаролот на Универзитетот Дејвис, одговори на жалбата велејќи: „Ние се стремиме да обезбедиме најдобра можна грижа за животните со кои управуваме. Истражувањето на животните е строго регулирано и Универзитетот Дејвис е во согласност со сите важечки закони и прописи, вклучително и Министерството за земјоделство на САД“.

Слични содржини