Почна прегласувањето на седум места, во игра се две пратенички места

од Nikola Popovski
273 прегледи

На седум избирачки места во петтата и шестата изборна единица денеска почна прегласувањето за парламентарните избори. Така беше одлучено откако Државната изборна комисија (ДИК) утврди дека на овие места имало прекршувања и неправилности на изборите на 8 мај. Приговори поднесоа СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица, а Управниот суд ги отфрли приговорите на „Европски фронт“ против одлуката на ДИК за прегласување.

Изборниот резултат од прегласувањето може да влијае врз конечниот број на пратенички места, за двајца пратеници.

Во петтата ИЕ повторно ќе се гласа на две места во Крушево, две во Долнени, едно во Струга и едно во Охрид каде право на глас имаат вкупно 3521 избирач. Во шестата ИЕ ќе се гласа само на едно место во општина Желино каде право на глас имаат 992 избирачи.

Прегласувањето создаде дополнителна тензија откако „Европскиот фронт“ предводена од ДУИ реагираше со тврдење дека цел на главните македонски политички партии, заедно со другата коалиција од албанскиот блок „ВЛЕН“, е вршење „изборен инженеринг“ со цел да му се одземат на „Европскиот фронт“ две пратенички места.

Во секоја изборна единица се избираат по 20 пратеници кои се определуваат според Донтовиот модел.

ДИК за вчерашното прегласување на болните и немоќни лица, лицата кои издржуваат казна затвор и лицата сместени во центрите за вонсемејна грижа а кои припаѓаат на избирачките места каде што се поништи гласањето за парламентарните избори спроведено на 8 мај 2024, информира дека се одвиваше непречено, без пријавени нерегуларности.

Од ДИК соопштуваат денеска 43 од вкупно 45 лица пријавени како болни или немоќни гласале на избирачките места каде се одвива прегласувањето во Желино, Крушево, Охрид, Долнени и Струга.

Слични содржини