Почна протестот пред Собрание: Ако забележите провокатори со фантомки, предадете ги на полицијата!

од desk2
128 прегледи

 

Со молитва почна протестот организиран од група граѓани „Млади за Македонија“ што се одржува пред Собранието против промена на името, а собраните порачаа дека само Господ знае како Македонија да се спаси од „лукавиот“.

На транспарентите што ги носат демонстрантите пиѓува „Никогаш Северна, секогаш Македонија“, а повикуваат на разумност со цел да се зачува уставното име.

Пред Собранието во центарот на Скопје може да се забележи и зголемено присуство на полиција. Поради протестот сообраќајот на улиците „Даме Груев“ и „Васил Главинов“ во правец кон „Црвен крст“ и обратно од крстосницата „11 Октомври“ и булеварот „Кочо Рацин“ е пренасочен.

Министерството за внатрешни работи апелираше граѓаните да се воздржат од преземање на насилни активности за да се сочува јавниот ред и мир.

Од Млади за Македонија, едни од поддржувачите на вечерашниот протест против договорот со Грција за промена на уставното име на Македонија, ги повикаа граѓаните што ќе демонтрираат доколку забележат лица со фантомки да ги предадат на полицијата.

„Кружат информции дека на денешниот протест ќе има инфилтрирани провокатори со фантомки, кои имаат за цел да ја нападнат полицијата и да предизвикаат немири. Со тоа и да нанесат штета на одбраната на името. Ве повикувме сите вие на секој оној кој има фантомка да му ја отстраните фантомката и истото лице да го предадете на полицијата. Исто така, со мобилните камери снимајте ги сите лица кои се провокатори, важно е да биде отстранета фантомката за да се знае кој ги прави провокациите. Сите кои доаѓаат со фантомки се дојдени за да направат инцидент и затоа не смее да се дозволи луѓе со фантомки воопшто да бидат присутни на протестот“, напишаа на нивниот фејсбук профил.

Од таму додаваат дека се оградуваат од секаков вид на насилство, говор на омраза и недолично однесување.