– Во Анкара денеска почнува судењето на 486 обвинети лица за случувањата во воената воздухопловна база Акинци, во ноќта на 15 јули минатата година, кога т.н. ФЕТО се обиде да изврши државен удар во Турција, јави агенцијата Анадолија (АА).
Судењето на обвинетите, меѓу кои се и водачите на организација на Фетула Ѓулен, кој престојува во САД, потоа поранешниот комадант на воздухопловните сили Акин Озтурк, некои од највисоко рангираните лица во терористичката структура на т.н. ФЕТО, како Адил Оксуз, Кемал Батмаз, Харун Бинис, Нуретин Оруца и Хакан Чичек, како и пилотите кои на 15 јули наводно бомбардираа повеќе локации во Турција, во првата фаза ќе трае до 29 август во просториите на Казнено поправниот завод Синчан, во Анкара.
Првообвинет на судењето за случувањата во базата Акинци, во непосредба близина на Анкара, која била и координациски центар на лицата, во Турција окарактеризирани како терористи, во ноќта на 15 јули 2016 година, е Фетула Ѓулен. Второобвинет е Акин Озтурк, а ги следи Кемал Батмаз.
Пред судницата се преземени опсежни мерки за безбедност, а крај влезот во зградата се собрани многубројни членови на семејствата на загинатите и граѓани ранети во крвавиот обид за преврат.
На обвинетите ќе им се суди за обид за уривање на уставниот поредок, попречување во работата и обид за оневозможување во работата на Големото народно собрание на Република Турција, обид за атентат на претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, обид за соборување на легитимната власт, управување со вооружена терористичка организација, заробување високо рангирани офицери, повеќекратни убиства и ранувања, намерно загрозување на националната безбедност, како и бомбардирање на повеќе објекти во земјата, првенствено на зградата на Парламентот, комплексот на специјалната полиција, сателитскиот оператор ТУРКСАТ со користење на воени авиони и хеликоптери.
Од вкупниот број обвинети, 461 се наоѓаат во притвор, 18 ќе се бранат од слобода, а седум обвинети, меѓу кои и лидерот на т.н.организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, се во бегство.