Почнува 43. „Млад отворен театар“

од desk4
116 прегледи

Осумнаесет претстави од денеска до 28 септември ќе понуди програмата на 43. Меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“.  

 

– Жанровски, естетски и програмски МОТ е можеби најразличен досега како целина. Девет фестивалски вечери со претстави од многу европски земји, во придружните програми и од Египет и Русија, рече на прес-конференција по повод фестивалот Русе Арсов, директор на Младинскиот културен центар – организаторот на МОТ.

Млад отворен театар ќе се одржува на осум сцени во Скопје  – Македонски народен театар, Македонска опера и балет, Кино Култура, Македонска филхармонија, Универзална сала, Кино Фросина – МКЦ, Дансинг сала во МКЦ и Драмски театар.

Фестивалот вечер од 20 часот во МНТ ќе почне со белгиската „Блокбастер“ на „Колектив Мензуел“. Темите што ги отвора претставата се екстремната сиромаштија во светот, како и еколошките проблеми на планетата.

На МОТ (mot.mk) годинава ќе гостува Словенско младинско гледалишче со „Идиоти“  ,германската претстава „Има уште“,новосадско позориште ќе го претстави на сцена текстот на Данило Киш, „Гробница на Борис Давидович“, во режија на Александар Поповски на унгарски јазик. На програмата е и „Странци“ на Драмски театар во режија на Нела Витошевиќ, за која МКЦ наведува дека е претстава што ги отвора  дилемите колку соочувањето со вистината нѐ прави подобри луѓе.

На 43. МОТ ќе биде изведена и најновата претстава на Битолскиот народен театар „Но(е)ва Македонија“ во режија на Кокан Младеновиќ, ангажирана општествена сатира, која реферира на историската мегаломанија на поранешната македонска власт.

Фестивалот ќе има и богата придружна програма – два концерта, изложба „Сценографии 35“ – ретроспектива на 35-годишната сценографска кариера на Крсте С. Џидров, одбележување 70 години на меѓународната мрежа на Интернационалниот театарски институт на УНЕСКО со претставување на драмската авторка, филмска сценаристка и актерка од Русија, Јарослава Пулинович, и промоција на електронската книга „Сирота мала богата драма“.