Четвртиот Фестивал на европската литература „Букстар“ (BookStar / Книжевни ѕвезди), кој го организира издавачката куќа „Антолог“, ќе биде отворен со промоција на збирката раскази „Невидлива жена и други раскази“ од Славенка Дракулиќ, една од највлијателните авторки во Европа.
На промоцијата (19.30 часот во Клуб ресторанот МКЦ) на Дракулиќ ќе ѝ биде доделена наградата „Букстар“ за книга што ја одбележува 2018 година. Издавачката куќа соопшти дека книгата е наградена затоа што се занимава со една предолго време премолчувана, често табуизирана тема – процесот на стареење и што сè носи тој.
-Таа е обработена на мошне комплексен начин, час низ призмата на иронијата, час низ окуларот на суровата реалност, час низ болката, час низ шармот на книжевната епифанија. Секој расказ од оваа книга посебно му влегува на читателот под кожа, терајќи го да застане, да размисли за себе и за другите, да биде шокиран, да заплаче, да се препушти и на емоциите и на разумот. Менувањето на перспективите (прво и трето лице, машки и женски погледи, различни генерации) и прекрасно испреплетените автобиографски и фиктивни елементи во нарацијата, прават читателот да се чувствува нурнат во текстот и истовремено дислоциран од него… Расказите во оваа книга ги осветлуваат темните слепи точки на нашето општество со тоа што ја земаат невидливоста на повозрасните луѓе, смело прикажувајќи ги универзалните интимни мисли што секогаш ги одложуваме, наведува „Антолог“.
Славенка Дракулиќ ќе биде специјална гостинка и на следниот фестивалски настан – „Жива литература“, утревечер во Клуб ресторанот МКЦ. Настанот е замислен како раскажувачки слем на однапред зададена тема, при што со надоврзување на неколку различни раскажувачи треба да се создаде една приказна. Темата за овој прв слем е „Мојата бивша“. Поканети учесници, покрај гостинката Славенка Дракулиќ, се и: Елизабета Баковска, Петар Андоновски, Калина Малеска, Александар Прокопиев, Јагода Михајловска-Георгиева и Ѕвездан Георгиевски.
Покрај овие две книжевни вечери, читателите ќе имаат можност и за поблиска средба со Дракулиќ, утре во 11 часот, кога таа ќе гостува во книжарницата „Антолог“ и ќе потпишува книги.
Четвртиот фестивал „Букстар“ ќе се одржува до 21 ноември под слоганот „Taboo Or Not Taboo?“ Годинашната фестивалска програма вклучува најголем број книжевни настани досега, а во фокусот се гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела. Фестивалските настани ќе се одржат на различни локации во Скопје. Пред македонската публика оваа година ќе бидат претставени седум европски писатели: Славенка Дракулиќ (Хрватска/Шведска), Џамал Уаријачи (Холандија), Офејгур Сигурдсон (Исланд), Михал Ајваз (Чешка), Антон Баев (Бугарија), Рику Корхонен (Финска), Енес Халиловиќ (Србија) и македонските автори Живко Грозданоски и Јосип Коцев.