Кодрута Ковеши, 43 годишна возраст, поранешна кошаркарка, сега обвинител, шеф на ДНА – Националниот директорат за антикорупција во Романија. Младата обвинителка четири години го води ДНА, институција која во 10
годишното постоење досега обвинила над 8 илјади функционери.
Судска пресуда за корупција добиле 4849 политичари. Најмногу од нив, над 3 илјади пресуди биле донесени за време на Ковеши.
-Сега после 4 години како шеф на ДНА довербата на граѓаните во институцијата е поголема од 62 проценти. Тоа е највисока доверба на граѓаните во било која институција од правосудниот систем во Романија. Довербата растеше постојано затоа што имавме многу случаи против министри, поранешни министри, пратеници во парламентот, сенатори, судии и обвинители. Има и случаи кои завршија со пресуди на министри и на поранешен вицепремиер на Романија.
Популарна меѓу граѓаните, но признаена во странство. Списанието Ридерс Дајџест ја прогласи за Европеец на 2016-та година, за успешната борба против корупцијата. Но, почетоците на обвинителството – ДНА, оформено по налог од Брисел за да ја открива распространетата корупција во Романија, не биле розови. Имало многу обиди за законски измени со кои требало да се смали надлежноста на обвинителите надлежни за политичката корупција. Имало обид и за намалување на финансиите за ДНА, но тогаш граѓаните и активистите сами организирале хуманитарна акција да соберат пари за непречена работа на антикорупциското обвинителство. Имало дури и обид за укинување на обвинителството на Ковеши. Имало иницијативи дека тоа обвинителство не било уставно, но романскиот Уставен суд никогаш не одлучувал по таа иницијатива. По сугестија на Брисел, романските политичари кои се најчести жртви на ДНА сепак изгласале промени во законот. Обвинителството на Ковеши е во рамките на системот на државниот обвинител, но потполно независно во истрагите и финансиите.
-Државниот обвинител може да дава наредби и насоки за работа на ДНА само во организациска и административна област. Но, нема право да издава наредби на обвинителите во ДНА ниту да се меша во истрагите кои се водат, објаснува Ковеши.
Независноста е присутна секаде во рамките на ДНА. Обвинителите ги бара комисија во самото обвинителство, доколку некој сака да брка корупција меѓу политичарите мора да биде докажан и посветен на правдата. Во моментот под палката на Ковеши работат 178 обвинители, 65 специјалисти и 25 експерти за борба со компјутерски измами. Во истрагите на ДНА учествуваат 253 полицајци и сите тие се одговорни пред ДНА, а не пред министерството за внатрешни работи на Романија. Големиот успех носи и притисок, од медиуми чии сопственици се осомничени за корупција заедно со политичари, од политички активисти, но и од закани за семејството на Ковеши. Таа низ насмевка раскажува дека притисоците само ја мотивираат повеќе.
-Има повеќе видови на притисок врз нас. Прво имаме притисок од рокот во кој треба да завршиме истрага за одреден случај. Имаме барања и потреби одредени случаи да ги завршиме што е можно побргу. Друг вид на притисоци е индиректен притисок кој се манифестира кога против одреден функционер ќе покренеме истрага. Тогаш доаѓа притисок или од функционерот кој е под истрага или од негови подржувачи и следбеници.
Токму политичките функционери кои ќе се најдат на тапет за корупција често сакаат да ја наречат Сталин, диктатор или недемократ.
-Ние истражуваме и лица кои официјално се функционери, но и членови на политички партии. За време на тие истраги често добиваме јавни обвинувања дека станува збор за политички мотивирани случаи.
-Не е точно затоа што сите овие случаи завршуваат со обвинение, што значи дека тие кривични дела не се измислени од нас туку се поткрепени со докази.
-Ние истражуваме дела за корупција поврзани со сите партии што значи дека со нашите истраги се опфатени политичари од сите нивоа на власт, од сите области на Романија, од сите политички опции. Нашите активности не ги испитуваат нивните капацитети за вршење на политичка функција туку сомнежоте за корупција.
Кога на сајтот на ДНА ќе се погледнат известувањата за нивните истраги или за пресудите во нивни случаи се забележува дека имињата на функционерите не се кријат. Објаснувањат се дека тие користат државни пари и доколку ги злоупотребат треба да бидат соопштени на граѓаните кои ги избираат.
-Има правилник за известување на правосудните институции. Во него пишува дека за јавни функционери и лица на јавни функции не мора да биде сокриено нивното име во известувањето за истрагата. Затоа што станува збор за функционери познати во јавноста и за кои се истражува дали извршиле кривично дело поврзано со извршување на нивната функција. Има ограничувања за објавување на лични податоци, но името на функционер, неговата функција и обвинувањата кои се докажани со истрагата може да се објават. На крајот од секое известување на ДНА потенцираме на правото на презумпција за невиност и известуваме дека ова е дел од постапка, а не конечна судска пресуда. Мора да бидеме внимателни, да ја известиме јавноста, да го почитуваме правото на презумпција на невиност на осомничениот функционер и да не откриеме детали кои може да наштетат на одреден случај.
Со македонските колеги од СЈО има чести средби, вели Ковеши. Разменуваме искуства, но разменуваме и какви проблеми имаме во истрагите. Треба да издржат и да имаат трпение, затоа што станува збор за комплицирани и тешки случаи.
-Специјалното обвинителство во Македонија е многу млада институција. Таа е основана само пред една година. Затоа кога зборуваме за толку млада институција, многу е тешко да имаме брзи резултати. Затоа што зборуваме за комплицирани случаи, кои е многу тешко да се отворат, да се завршат и да има конечни пресуди. Како и во Романија, така и во Македонија има начини да се нападнат самите пресуди. Мојата порака до колегите во Македонија е да продолжат со нивната работа да не дозволат да бидат заплашувани од никого и да го спроведуваат законот професионално и непристрасно.
Во Букурешт таа сега има нов сосед. Новопечен дипломат од Македонија кој е под истрага на СЈО во Скопје. Тони Јакимовски уште не го сретнала, но осомничениот од Тврдина веќе го примил во посета државниот романски обвинител. Ковеши не сакаше да коментира за случајот.
-Не можам да коментирам истраги во Македонија затоа што немам детали и информации за активни истраги таму. Поради тоа не може да коментирам.
Тони Јакимовски во својата татковина Макеоднија е осомничен за злоупотреба и фалсификување. Во истрагата Тврдина СЈО тврди дека учествувал во уништување на опремата за прислушување од која е вршено нелегалното следење на комуникации. Но, никој во Романија ниту во Селек не знаел дека дома е осомничен, МВР преку дипломатски канали на МНР го испратило името на македонскиот кандидат Јакимовски, кој во јуни е избран за генерален директор на антикриминалната регионална мрежа на 12 балкански држави позната како СЕЛЕК. Сега има дипломатски пасош, висока плата, и е сограѓанин на обвинителите од романското СЈО. А доколку беше гонет според принципите на ДНА, неговото име, иако е јавен функционер од македонската тајна служба веќе ќе беше јавно објавено во соопштение на македонското специјално обвинителство.
Извор: Телма