Политичката сцена се тресе – шест пратеници вредат повеќе од цела коалиција

Кој ќе му го донесе Бадентерот на Мицкоски? Сите очи вперени во Села

од Vladimir Zorba
193 прегледи Фото: Фејсбук/Креатива Локално

Бадентеровото мнозинство повторно стана најскапиот политички ресурс во државата. Без него, ниту една влада не може да донесе закони што ги засегаат етничките заедници: од употребата на јазиците и симболите, до образованието и културата.

А токму сега, власта се најде во ќор-сокак: ѝ недостигаат пет до шест пратеници од немнозинските заедници за да обезбеди „голем бадентер“.

Во ваква тенка рамнотежа, на сцената повторно се појавува Зијадин Села, човекот кој со своите шест пратеници може да ја направи или да ја урне владината стабилност.

Ситуацијата стана уште позагадочна откако лидерот на Демократско движење од коалицијата Вреди, Изет Меџити, изјави дека се водат преговори меѓу власта и Села за негов можен трансфер во коалицијата.

Села тоа експресно го демантираше, но прашањето сега пак е отворено: дали ќе прифати да стане дел од власта за да го „спаси“ бадентерот, или ќе остане на опозициските клупи и ќе ја задржи својата политичка дистанца?

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во изјава за „Локално“ оценува дека колапсот на ДУИ ја менува целата слика на албанската политичка сцена.

„ДУИ пропаѓа како партија и мислам дека нема да се врати во живот. Со заминувањето на Ахмети тие го губат капацитетот и локалната поддршка. Ќе се појават нови партии или ќе се зајакнат постојните. Затоа, сите ќе гледаат како да се испазарат или да го искористат моментот на окрупнување. Најголемиот дел од колачот, според мене, ќе појде кај Арбен Таравари и неговото членство, ама ајде да почекаме“, вели Пекевски.

Токму тука лежи дилемата за Села. Од една страна, може да влезе во власта и да стане фактор без кој не може да се донесе ниеден клучен закон.

Од друга страна, ризикува да биде перцепиран како политичар кој ја предал опозицијата и се продал за краткорочна корист.

Во исто време, Таравари веќе се наметнува како нов столб на албанската политика, што ја прави одлуката на Села уште потешка. Доколку се приклучи кон власта, тоа би можело да му донесе влијание, но и да го чини политички кредибилитет пред сопствените гласачи.

Владата, пак, останува заложник на оваа бројна калкулација.

Без шесте гласа на Алијансата за Албанците, секој обид за системска реформа се претвора во ризичен експеримент.

Бадентерот, замислен како механизам за заштита на заедниците, денес функционира како најсилен политички филтер во државата, оној што одлучува кој ќе преживее во власта и кој ќе биде принуден на пазар.

И сè додека некој не го скрши тој круг, Македонија ќе продолжи да живее во сенката на шест пратенички раце што ја држат судбината на владата.

Б.Т.

Слични содржини