Политички глодари и лешинари или ерозија на институциите: Вчерашните протести отвораат низа прашања за функционалноста на системот

Ако власта не е подготвена да се соочи со пораките 'Купен мир и тишина, пострашни од војна' и 'колку мито треба за да ги вратиме жртвите?', тогаш ќе мора да се соочи со уште поголем гнев на народот,“ изјави Бојаровски за „Локално“

од Даниел Ѓорѓиевски
153 прегледи

Во Скопје, вчера се одржаа масовни протести, кои повторно го привлекоа вниманието на јавноста и медиумите. Демонстрантите, кои изразија незадоволство од актуелната политичка и економска ситуација во земјата, собраа илјадници граѓани кои бараа промени и одговорност за несреќата во Кочани, но и среијата несреќи кои се случија во државата. Во контекст на овие настани „Локално“ побара мислење од новинарите Иванов и Бојаровски за причините и импликациите на протестите.

Според новинарот и Уредник Зоран Бојаровски ерозијата на системот треба да се бара како главен виновник за случувањата во државата. Тој истакна дека народот не може да остане рамнодушен пред тоталната ерозија на институциите, што според него доведе до оваа страшна трагедија во Кочани. Според Бојаровски, јавноста мора да реагира, бидејќи недовербата во власта расте, особено кога станува збор за истрагата и одговорноста за настанот.

„Народот не може да биде рамнодушен кога ќе се соочи со тотална ерозија на системот, поради што како последица се случи страшната трагедија во Кочани. Тоа е повеќе од доволно за реакција на јавноста, која истовремено е израз на недоверба во подготвеноста на надлежните, односно власта, да дојдат до вистината и до одговорните за трагедијата на сеопфатен и непристрасен начин. Ако власта не е подготвена да се соочи со пораките „Правда“, „Не се плашиме“, „Уа профитери“, „Одговорност“, „Нема правда, нема мир“, „Ние сме системот“, „Цела Влада оставка“, „Системот е следен“, „Доста беше смрт“, „Секој еден може да биде следен“, „Државата ги убива своите деца“, „Купен мир и тишина пострашни од војна“, „Колку мито треба за да ги вратиме жртвите?“, „Нема тишина, само правдина“, тогаш ќе треба да се соочи со уште поголем гнев на народот“ изјави Бојаровски.

Зоран Бојаровски

Зоран Бојаровски

Бојаровски смета дека општеството не смее да остане без реакција. Тој нагласи дека секоја трагедија бара епилог кој ќе покаже дека системот е подготвен да се соочи со корупцијата и трулежта која го опфаќа. Бојаровски повика на итна акција и на вистинска правда, истакнувајќи дека општеството мора да биде обединето во борбата против корупцијата и неефикасноста на системот.

„Трагедијата во Кочани, како и неколкуте трагедии во изминатите години, не може и не смее да заврши без епилог кој ќе докаже дека општеството е подготвено да се справи со трулежта на системот. Без разлика каде и до каде ќе стигне дренажата на гнојот на корупцијата, премногу скапо е платена цената. Непоимливо скапо за да заврши со селективна и политички контаминирана правда, која не може да се нарече правда. Колку повеќе се одлага, толку повеќе ќе расте незадоволството на јавноста и народот“ нагласува Бојаровски.

Бојаровски смета  дека единствената „последица“ од протестите ќе биде правдата. Тој истакна дека ако не биде испорачана сеопфатна, неселективна и политички неконтаминирана правда, општеството ќе биде подготвено да тргне по патот на темелна борба против корупцијата. Тој предупреди дека ако актуелната или било која иднина власт не ја прифати соработката со граѓаните и граѓанските организации во борбата против корупцијата, ќе се соочи со народот кој ја губи својата трпеливост. Бојаровски повика на обединета акција и на целосна одговорност во решавањето на проблемите со корупцијата.

„Се надевам дека единствената „последица“ од протестите ќе биде правдата. Ако не биде испорачана сеопфатна, неселективна и политички неконтаминирана правда, ќе покажеме дека општеството е подготвено да тргне по патот на темелна борба против корупцијата, која никогаш не треба да заврши, бидејќи корупцијата има особина да се пробие и низ најмалата пукнатина на системот и повторно да добие димензија на смртоносен канцер за општеството. Само партиите и политичките структури не можат да бидат „борци“ против корупцијата, бидејќи се докажа дека тие, всушност, го генерираат. Затоа, ако актуелната или било која иднa власт не го прифати тоа за да биде партнер со граѓаните и граѓанските организации во таа борба, ќе се соочи со народот кој ја губи секоја трпеливост“ завршува Бојаровски.

Зоран Иванов

Зоран Иванов

За новинарот Зоран Иванов  протестите организирани од млади генерации не се само симболи на незадоволство, туку и отворен став на една нова генерација која е свесна за коруптивните практики во македонската политика. Според него, оваа генерација ја разбира реалноста што нивните родители не успеаја да ја променат во текот на три децении. Тој истакна дека младите бараат ревитализација на општествените вредности и одговорност од оние кои ги водат институциите.

„Кај овие млади генерации, овој вид протести не се само пораки. Тие претставуваат отворен и јасен став на една нова генерација, која во македонската политика прочита она што нивните родители не успеаја да го направат во текот на три децении. Оваа генерација сфати дека не постои некорумпирана власт. Дека коруптивниот карцином ги отерал илјадниците, а тие што останале се задушуваат во „врски, пријателства, партизирања, тендерирања, криминали и незаслужени богатења“. Оваа генерација бара ревитализација на вредностите во општеството, домаќински и со образ, вреднувајќи го секој одделно. Тие бараат одговорност од оние кои доброволно се нафатиле да ги водат институциите, па дури и од оние кои работат во институциите на сите нивоа. Кај оваа генерација веќе нема политички авторитети. Не веруваат никому на збор, туку бараат дела“ изјави Иванов.

Иванов изразува уверување дека граѓаните масовно ги поддржуваат протестите, без оглед на актуелниот број на учесници. Тој нагласува дека ова е знак на растечка свест меѓу населението за важноста на борбата против корупцијата. Иванов истакна дека опозицијата, која одлучи да молчи во оваа ситуација, можеби делува мудро за да избегне политизирање, но се чини дека тоа е и резултат на недостатокот на авторитет. Иванов од друга страна смета дека персонификацијата на протестирачите со глодари од страна на власта е директен удар врз слободната мисла на сите граѓани кои излегле да протестираат.

„Ха, па како и досега во слични пригоди. Како кај кого. Граѓаните масовно ги поддржуваат протестите, без оглед на актуелната бројка на учесниците. Опозицијата мудро молчи, демек за да не политизира, што, впрочем, тоа го бараат и организаторите. Но, опозицијата е без потребниот авторитет, барем засега, и веројатно стравува од реакции. А власта? Па, еве, ги нарече „глодари“. Можеби мисли на политичките противници, но без разлика на тоа на кого мисли, граѓаните кои протестираат тие навреди ги доживуваат и лично“ смета Иванов.

Иванов изрази сомневање за способноста на актуелната власт да донесе позитивни промени на краток рок. Според него, таквото однесување на властите не само што е арогантно, туку исто така открива и нивната исплашено. Тој смета дека неодамнешните акции на власта, како што се иницијативите за поставување пожарникарски скали и хидранти се обид за прикривање на недостигот на реални решенија.

„Искрено, не сум оптимист дека на кус рок може нешто да се промени на подобро. Власта, особено оваа популистичка власт, има докажани тоталитарни манири. На секоја критика одговара со навреди и клевети. Веројатно сметаат дека со таква ароганција, со навреди и со демонстрација на сила, ќе ги „затворат“ луѓето дома. Всушност, тие се исплашени и блефираат со своето препотентно однесување спрема сопствените граѓани, па дури и спрема своите гласачи. Овие акции за пожарникарски скали и за хидранти се само мачкање очи за да се стивнат револтите. Тие дозволија да дојде до урбанистички хаос и јавашлук. Со испосмените закони, се дозволи изградба на згради без пожарникарски скали. Сега, што ќе поправат? Скали ќе ни прават или со хеликоптери ќе не евакуираат? Тие ја создадоа и озаконија криминалната и небезбедна држава, а сега ќе поправат, ќе средуваат и ќе казнуваат. Кој уште верува во тоа?“ изјави Иванов.

Иванов нагласи дека не е потребна длабока анализа на протестите, туку дека самиот протест е доказ за револтот на граѓаните. Тој смета дека граѓаните се свесни за оваа неправда и бараат  промени, и покрај тоа што властите се прават слепи и глуви на нивните барања. За Протестите смета дека се одраз на желбата за вистинска демократија и одговорност од страна на властите, кои според него не смеат да продолжат да го игнорираат гласот на народот.

„Не треба да се прави никаква анализа или студија во овој контекст. Анализа е граѓанскиот притисок. На сите ни е смачено од врски, пријателства, корупција, непотизам, од партиските послушници, од фактот што на одговорните во институциите не им се слуша гласот и што никој не смее ниту да зборува без дозвола од лидерот. Ова сега е еден уникатен македонски тоталитаризам во кој владее „богот“, партискиот суверен. Тој е и мајсторот и хауз мајсторот, и кадија и судија, и доктор и сестра, а зад него се влече партиската војска на сите институционални нивоа. Таква ситуација постои веќе десет години во соседна Србија, но нашиве се прават слепи и глуви“ заклучува Иванов.

Иванов нагласи дека протестите не само што ќе имаат последици, туку ќе донесат значајни придобивки за општеството. Тој додаде дека протестите бараат простор за оние со вистински дипломи и добри работници кои си ја бараат платата што им следува за нивниот труд, знаење и профитот што го генерираат за своите ненаситни работодавци, вклучувајќи банките, маркетите и фармацевтските компании. Тој верува дека оваа борба ќе создаде позитивни промени и ќе отвори нови можности за сите.

„ Оваа терминологија за „последици“ малку грубо звучи. Би рекол дека се работи за придобивки. Протестите се насочени кон отворање на државата за паметните и способните, за оние со вистински дипломи и за добрите работници кои си ја бараат платата што им следува за нивниот труд, знаење и за профитот што им го трупаат на своите ненаситни работодавци, особено банките, маркетите, осигурителните компании, фармацевтите и слично. Нема последици. Од граѓанските, особено од младинските протести, општествата имаат само бенефити“ завршува Иванов.

Д.Ѓ

Слични содржини