Полицијата доби нови 40 дрегери – со новата опрема ќе се зголеми безбедноста на патиштата

од Берта Китинска

Министерството за внатрешни работи набави нови 40 етилометри (познати уште и како дрегери) кои ќе бидат предадени на сообраќајната полиција за санкционирање на возачите што управуваат возила под дејство на алкохол. По неодамнешната набавка на 50 модерни, технички високо-софистицирани радарски уреди, продолжуваме со опремувањето на сообраќајната полиција со цел уште поголемa безбедност на патиштата.

-Токму возачите кои управуваат возило под дејство на алкохол се причинители на голем број тешки сообраќајни незгоди и затоа нивното санкционирање е еден од приоритетите на сообраќајната полиција. Сега сообраќајната полиција има 145 етилометри, за разлика од само осум етилометри во 2017 година.

Постојаното вложување во сообраќајната полиција и професионалното работење на полициските службеници придонесуваат за континуирано намалување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди. Со новата опрема дополнително ја зголемуваме безбедноста на патиштата, а и во наредниот период продолжуваме со сите потребни набавки за да обезбедиме максимални услови за сообраќајната полиција.

Како резултат на посветеноста за создавање безбедни средини за граѓаните, минатата 2020 година е година со најмал број на жртви, а од 2017 година наваму бројот на жртви континуирано се намалува, соопштија од МВР.

Слични содржини