Полицијата откри мигранти во камиони на Богородица и Стар Дојран

од desk2

Полицијата вчера во два одделни случаи на граничниот премин Богородица и на преминот Стар Дојран откри 21 мигрант.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека синоќа во 22,45 часот во близина на гевгелиското село Милетково- од страна на патрола од Полициска станица за Граничен премин и граничен надзор Богородица било сопрено товарно моторно возило „Фиат-Дукато“ со бугарски национални ознаки управувано од М.Д.(28) од Струмица. Од страна на полициските службеници бил извршен преглед на возилото при што се пронајдени 15 мигранти од кои осум сириски, пет пакистански и двајца ирачки државјани кои биле приведени. За настанот бил известен Јавен обвинител. М.Д. бил лишен од слобода и предаден во Полициска станица Гевгелија, а мигрантите се задржани во Полициската станица за Граничен премин и граничен надзор Богородица, за понатамошна постапка.

Вчера утро во 07,40 часот за влез во Република Македонија се пријавило товарно моторно возило “Ивеко“ со кумановски регистерски таблици и приклучно возило марка „Шмитз“ со кумановски регистерски таблици управувано од А.К.(37) од Кратово. При мерење на вагата покажало поголема оптовареност од вкупната тежина, поради што било задржано на Граничниот премин за вонреден претрес.

Околу 11,40 часот од страна на полициски службеници од Граничниот премин Стар Дојран биле забележани непознати лица како излегуваат од приклучното возило и се упатуваат кон Република Грција, при што истите биле приведени. Притоа утврдено е дека се работи за две возрасни лица и три малолетни лица на возраст од 12, 14 и 16 години сите од Авганистан, како и едно полнолетно лице од Бангладеш.

Според нивно кажување во возилото се качиле во Република Турција. Извршен бил увид на местото на настанот, а од полициски службеници од Регионалниот центар-Југ-Гевгелија и од Привремениот транзитен центар Гевгелија извршиле разговор со мигрантите и со возачот. Мигрантите се предадени во Привремениот транзитен центар во Гевгелија. Се работи на целосно расчистување на случајот.

Слични содржини