Полска сè уште зема руски гас, но преку Германија

од Nikola Popovski

Руската компанија „Газпром“ ги оспорува тврдењата на полските политичари дека на Полска не ѝ е потребен руски гас, изјави портпаролот на концернот Сергеј Купријанов.

„Неделава Полска одби да плати за испорака на гас од Русија според новата процедура, во рубли. Свечено беше објавено дека повеќе не им треба руски гас и дека нема да го купуваат. Но, тоа всушност не е така. По суспензијата на директните испораки, Полска продолжува да купува руски гас. Но, сега во Германија, од каде гасот пристигнува во Полска преку гасоводот „Јамал – Европа“, вели претставникот на „Газпром“, пренесува Спутник.

Како што објаснува тој, реверсот испорачува околу 30 милиони кубни метри дневно, што е речиси идентично со барањата според договорот со компанијата „Газпром експорт“ во претходните денови.

Претходно, медиумите објавија дека утрото на 28 април, обратните испораки на гас од гасоводот „Јамал-Европа“ од Германија до Полска се зголемиле за уште 3,5 отсто, откако претходниот ден скокнале повеќе од пет пати.

Како што претходно соопшти руската компанија „Газпром“, целосно е прекината испораката на гас за бугарската компанија „Булгаргас“ и полската компанија „ПГНиГ“ поради неплаќање во рубљи.

Слични содржини