Полскиот премиер во Киев: „Нема ништо поважно од поддршката за Украина“

од Stefanija Kuzmanovska

Полскиот премиер Доналд Туск за време на денешната посета на Киев изјави дека нема ништо поважно од поддршката за Украина во нејзините воени напори против Русија.

Туск денеска пристигна во главниот град на Украина за да разговара со претседателот Володимир Зеленски за тоа како Полска може да продолжи да го поддржува Киев во борбата против руската инвазија и како да се реши спорот меѓу двете земји околу испораката и транспортот на жито, пишува „Асошиејтед прес“.

Полскиот премиер нагласи дека, иако има одредени „конфликти на интереси“, земјите ќе работат „пријателски на решавање на сите разлики што е можно поскоро“, соопшти неговиот кабинет.

„За мене е многу важно да изградам чувство дека Полска е најсигурниот, стабилен сојузник на Украина во овој смртоносен конфликт со злото“, порача Туск.

Тој се врати на чело на полската влада во декември, по изборите во октомври со кои беше соборена десничарската националистичка партија Право и Правда (ПиС) по осум години на власт. Тој вети дека ќе ја продолжи постојаната поддршка на Полска за нејзиниот источен сосед по руската инвазија во февруари 2022 година.

Ова е негово прво патување во земјата разорена од војна откако се врати како шеф на владата на еден од најверните поддржувачи на Украина во ЕУ.

Слични содржини