Според премиерот Зоран Заев најголем предизвик во овие сто дена од Владата е пандемијата, при што сите ресори со целосна посветеност се ставени во функција на здравјето на граѓаните,
Во контекст на најголемиот предизвик, тој се осврна на последните информации кои се однесуваат на набавката на вакцини против ковид кои треба да го зауздат ширењето за заразата, преку системот Ковакс за полесен и рамномерен пристап на сите земји.
„Она што се презема на домашен план во борбата со пандемијата е поголем број на тестирања и забрзана процедура на тестирања, а зголемен е и капацитетот во болниците за згрижување на што е можно повеќе граѓани, со тоа што се ставени во функција капацитетите на повеќе клиники како ковид-центри. За таа цел вклучени се и приватните капацитети и здравствените работниците вработени таму“,рече Заев.
Од активностите на меѓународен план, Заев го издвои членството во НАТО, што не е само остварување на стратегиската цел на земјата, туку гаранција на безбедноста.
Во однос на другата стратегиската цел, членството во ЕУ, Заев го спомена ветото од Бугарија за усвојувањето на преговарачката рамка која треба да го отвори патот за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ и официјален почеток на преговорите. Тој за ветото рече дека е неправедно.
„Оваа влада ниту нашата држава ниту народот немаме ни најмала вина. Застанавме на ставот дека македонскиот идентитет е невозможно да е предмет на преговори и нема да се откажеме од нашето право на самоопределување, гарантирано со Повелбата на ООН и меѓународните договори и конвенции кои ги има потпишано и Р Бугарија. Штетата од ова неоправдано вето ќе може да се надомести брзо. Власта нема да дозволи неуспехот на патот кон ЕУ со неодобрувањето на преговарачката рамка да предизвика запирање на внатрешните реформи“, рече Заев.
Тој најави дека Владата ќе продолжи со градење европски стандарди, целосно посветена на разговорите со соседна Бугарија до постигнување решение.
На прашање од „Локално“ на денешниот отчет на Владата до премиерот Зоран Заев дали С.Македонија прави истражување за негативните коментари, односно говорот на омраза во бугарските медиуми, и дали има информација за тонот со кој се известува за спорот помеѓу нашата држава и Бугарија, тој вели дека говорот на омраза е покренат од двете страни и дека се работи на негово спречување.
„Говорот на омраза е подигнат на двете страни. Апелирам да внимаваме, за да не почитуваат сите. Апелирам и до граѓаните од пријателска Бугарија, бидејќи не ни носат ништо добро. Работиме на отклонување и спречување на говорот на омраза. Тоа не е добро за нашиот народ, и тоа не е само поради ветото на Бугарија. Бугарија треба да ни биде пријател и за вработувања и секој вид на соработка“, изјави Заев на прашање од „Локално“.