Пратеничката на ДОМ и предводник на групата пратеници кои поднесоа предлог за измени во Изборниот законик, Лилјана Поповска не гледа причина зошто пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката ДУИ не би дошле на јавната расправа за измените за една изборна единица, отворени листи и еднаква родова застапеност, бидејќи смета дека со амандманите, тие се во комотна позиција да дебатираат.
Таа во изјава за Локално вели дека за неа била непредвидлива реакцијата на двете партии, па затоа не би можела да предвиди што би било следно.
„Не очекувам опструкции, тие веќе го блокираа носењето на измените со амандманите. Интересно би било да кажат зошто се против и што тоа ќе им смени во животот, како ќе образложат зошто се против една изборна единица, зошто се против отворени листи, зошто се против еднаква родова застапеност, бидејќи сега е предвидено 40% застапеност на жените, а со измените ќе биде 50%, односно да образложат зошто се против очигледна демократизација на државата, кои се аргументите со кои тие го блокираат носењето на измените во Изборниот законик“, вели Поповска за Локално.
Според долгогодишната пратеничка, за првпат има опструкции и од првиот меѓу еднаквите, односно претседателот на Собранието, Талат Џафери. Таа смета дека може да се одржи и амандманската расправа, бидејќи севкупно се работи за неколку членови од Законот.
„Мислам дека може да се одржи амансманската расправа, овде се работи за многу амандмани за севкупно неколку членови во Законот. Ова е непринципиелна блокада и е првпат, иако сум толку време пратеник, да има опструкции и од страна на првиот меѓу пратениците“, истакна Поповска.
Пратеничката како прва меѓу групата пратеници пред се од помалите политички партии веќе еднаш закажа дебата за измените кои потоа ги преточија во Предлог-закон. Иако беа поканети лидерите и пратениците од сите парламентарни партии, на дебатата се појави само премиерот Зоран Заев како лидер на СДСМ, а од владејачката ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои подоцна го „потрупаа“ предлогот со амандмани, не се појави никој. На дебатата дојде единствено пратеничката Даниела Рангелова, која е дел од групата пратеници кои побараа измени во Изборниот законик, а која нагласи дека не е дојдена како претставник на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, туку како пратеник кој сака да даде поддршка на измените.
Александар Тодески