Во земјава засега останува само една пациентка заболена од коронавирусот. Најновите случаи со двајцата странски државјани се негативни, но предлогот на епидемиолозите е да продолжи уште една недела препораката за неодржување на масовни јавни собири и спортски натпревари без публика.
Од Министерството за здравство вчера излегоа со информација дека тестовите кај двајцата странски државјани, едниот од Сингапур и другиот од Австралија, се негативни. По пријава на хотелот во кој престојуваа во центарот на Скопје, епидемиолози од Центарот за јавно здравје земаа брисеви за тестирање во нивната хотелска соба. Тие ќе бидат упатени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за третман соодветен на дијагнозата. Двајцата странски државјани останаа изолирани во хотелската соба до добивањето на резултатите.
Контролен тест вчера бил направен и врз единствената заболена пациентка од коронавирусот, како и врз нејзината ќерка.
– Тестот на пациентката е негативен на коронавирус, што значи дека опаѓа нејзината инфективност, но согласно процедурата, ќе биде повторен по 48 часа. На корона е негативна и нејзината ќерка, информираа од Министерството.
По појавата на коронавирус во Италија, земјава ги подигна превентивните мерки на повисоко ниво, а секојдневно заседава и Комисијата за заразни болесни и Комитетот за следење и информирање на состојбата со коронавирусот. Нивната најнова препорака е да се продолжи препораката за неодржување на масовни собири и спортски натпревари за што утре Владата ќе треба да расправа на седница.
Покрај превентивните мерки спроведени на двата аеродрома и на граничните премини во државата и препораките до граѓаните, на барање на Министерството за здравство, сите патници од странство ќе добиваат СМС пораки со препорака да се јават на телефонскиот број на Институтот за јавно здравје доколку имаат симптоми на вирусот.
Според информациите што вчера на прес-конфереција ги изнесе министерот за здравство Венко Филипче повикувајќи се на нашиот Конзулат во Италија, постои зголемен интерес за враќање на нашите државјани во земјава. Се прават напори тоа да се одвива организирано со цел да се има подобар увид во ситуацијата.
Во Европа од ден на ден се зголемува бројот на случаи заболени од коронавирус. Последните информации што вчера ги пласираше министерот Филипче, покажуваат дека досега се заболени 4.250 лица што е 1000 повеќе од претходниот ден.
Во зависност од развојот на состојбата, како што најави вчера Филипче, ќе бидат разгледани евентуално и поригорозни мерки на заштита.