Се поголем број работници во државата бараат дополнителна работа. Многу често вработените кои работат во јавен и приватен сектор може да ги видиме како работат после 16 часот. Причината зашто многу работници во државата работат втора и трета работа се ниските плати, зголемените трошоци за живот и постојаниот недостиг на работна сила во одредени дејности. На овој начин работниците обезбедуваат дополнителни приходи со кои ги покриваат зголемените месечни трошоци кои надминуваат 1.000 евра.
-Работниците особено оние од трудоинтензивните дејности поради ниските плати мора да доработуваат за да преживеат. Тоа се претежно работници од градежниот сектор, градежни занаетчии – водоинсталатери, водоводџии, електричари….Имаме сознанија дека во последно време и вработените во јавната администрација поради ниските плати работат втора работа како разнесувачи на храна, на пратки, келнери, трговци, столари…, вели за „Локално“, Иван Пешевски потпретседател во Сојузот на синдикати на Македонија.

Иван Пешевски
Освен работниците, тој вели дека во последно време се поголем е бројот на пензионери кои работат хонорарно, но и некои дополнителни работи како таксисти, продавачи…
-Проблемот кај градежните работници од кои најголем дел работат дополнителна работа се повредите на работа. Кога ќе се повреди работникот трошоците паѓаат на товар на државата, но и на работодавачот затоа што не е пријавен. Затоа наша цел е да имаме добро платени работници кои нема да работат на црно. Доколку државата сака да го намали процентот на сива економија и бројот на работодавачи што даваат плата во плик минималната плата треба да биде 500 евра, вели Пешевски.
Некои бараат да работат наутро, некои после 16 часот, а некои навечер. Но, факт е дека се поголем број работници го жртвуваат своето слободно време за да можат да преживеат од 1-ви до 1-ви.

Миле Бошков
-Се поголем број од работниците во државаата работат втора работа. Типечен показател за тоа се трошоците кои не се ставени во минималната потрошувачка кошница, како мебел, бела техника, прослави, годишни одмори… За да може да ги покријат овие трошоци работниците мора да работат дополнителна работа, а на тој начин се зголемува сивата економија во државата, вели Миле Бошков претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија.
Тој додава дека се почесто после 16 часот може да видиме многу вработени во јавната администрација кои работат како келнери, трговци, доставувачи, мајстори, занаетчии…
Б.С.
Фото: Корпа