Чудни пораки доаѓаат од Србија, особено од одредени тамошни политичари кои се дел од власта. Членот на претседателството на Српската напредна партија (СНП) и пратеник во српското Собрание, Владимир Ѓукановиќ изјавил дека, според негова проценка, „може да избие конфликт на Балканот во одреден момент“. Тој предупредил на создавање на воен сојуз меѓу Загреб, Приштина и Тирана, на кој во одреден момент би можела да му се придружи и Бугарија со, како што вели, нејзините аспирации и амбиции за Македонија и југоисточна Србија, во зависност од тоа кој е на власт во официјална Софија.
Македонија со децении има проблем со негирањата од источниот сосед, но во македонската јавност се јавува дилемата зошто вакви пораки од Белград во вакви турбулентни времиња и дали треба да се сфатат сериозно. Треба да земеме во обзир дека од Софија досега никогаш не пристигнале закани за воени интервенции ниту пак имало најави за такво нешто.
За дел од аналитичарите, постои регионална координирана активност против легитимната и легална власт во Србија. Според професорот Тони Науновски, воениот сојуз за кој обвинуваат од Србија, нема никаква друга логика освен подготовка за евентуален конфликт со Србија и Република Српска, бидејќи, како што вели, Хрватска и Албанија се членки на НАТО и со самото тоа нема основа за страв дека некој нив ќе ги нападне односно ќе го нападне НАТО.

Тони Науновски-Фото: Принтскрин/Јутјуб
-Шарената револуција во Србија која многу наликува и на нашата овде во 2015/2016 година, а која очигледно е финансирана и медиумски и политички помогната од странски центри на моќ кои сакаат да воспостават марионетска влада во Србија, слично како кај нас во 2016 година, и овој воен сојуз меѓу две НАТО држави и меѓународен протекторат (Косово и Метохија), се во спротивност со македонските национални и државни интереси. Во случајот со Србија, јасно е дека нивната цел, на центрите на моќ кои го измислиле овој воен сојуз и шарената револуција е некаква марионетска и антинародна власт да го признае Косово, да овозможи сецесија на Рашка (некои таа област ја нарекуваат санџак), на Војводина итн. Меѓутоа, се поизвесно е дека тој план, за среќа на народот на Србија па и нас, македонскиот народ, нема да им успее, вели Науновски во изјава за „Локално“.
Иако објективно нема големи шанси за успех, истакнува соговорникот, тој план да се покори Србија сигурно ќе предизвика негативни последици и за Македонија, во повеќе аспекти, па затоа се надева дека набрзо ќе биде прекинат. Науновски оценува дека СДСМ се приклучи на тој регионален обид за деструкција на Србија преку изјавата на претседателот на партијата, Венко Филипче за некаква „скопска иницијатива“ која, како што вели, целосно се вклопува во наведениот поширок план на некои центри на моќ за дестабилизација на Србија и Регионот.
-Таа иницијатива според неговите зборови ќе биде здружување на шарени соросоидни партии за, верувале или не, да уриваат влади заедно, бидејќи сами не би можеле тоа да го направат, ќе бараат непостоечко руско влијание со цел антируска Европа да им помогне да ги урнат владите во Србија, Македонија и Република Српска. Жално е што СДСМ очигледно се враќа на анахроната шарена идеологија и е управувана од такви ликови, кои, да не заборавиме, со таква „идеологија“ ни го сменија името и идентитетот, избришаа античката историја на Македонците, антиуставно воведоа двојазичност (која еве Уставниот суд ја делегитимираше и апсолутно треба да добие поддршка од народот за таа одлука), итн. Оттаму, наведениот сојуз е апсурден, поддршката за шарени револуции е анахрона и нема да донесе ништо добро за народите на Балканот, па да се надеваме дека тие силни центри на моќ, веројатно од Европа бидејќи Трамп го отфрли тој концепт на шарени револуции, ќе сфатат дека погрешиле и ќе го почитуваат меѓународното право и демократските влади на Балканот, каква што е таа во Србија, заклучува Науновски.
Српскиот функционер Ѓукановиќ во уреднички текст за српска „Политика“ вели дека кога ќе има отворен воен конфликт меѓу Русија и Европската Унија, и кога е сосема јасно дека овој конфликт едноставно мора да се случи, во тој момент Србија ќе биде нападната од овој сојуз и војната ќе биде неизбежна.
„Ракавициве се симнати, а нашата шанса да го зачуваме мирот се мери според тоа колку сме подготвени за сериозен конфликт. Колку сме поподготвени, толку е поголема шансата да го одвратиме секој потенцијален агресор од помислата да нè нападне“, објавил Ѓукановиќ.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТОК ТВ
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ пред неколку дена го коментираше за воениот сојуз на Хрватска, Албанија и како што тој го нарече, таканареченото Косово и рече дека верува дека се подготвуваат за напад на Србија во иднина, пренесуваат медиумите во Србија.
„Се подготвуваме за нивниот напад. Тие чекаат моментот што ќе се случи во иднина да избувне поголем конфликт меѓу Европејците и Русите и уште поголем на Блискиот Исток. Сè што правиме, го правиме за да ја одбраниме нашата земја. Не можеме да ги напаѓаме земјите од НАТО, а Албанија и Хрватска се едни од нив, ама ова ва се нивните намери. Тие чекаат поволен момент кога ќе има општ хаос во светот. Но, луѓето не треба да се грижат, само ќе кажам дека Србија има доволно сила за одвраќање за сите тие три ентитети, две држави и еден ентитет, што и да е. Има доволно сила за да има јасна порака за одвраќање“, рече тогаш Вучиќ. Тој укажа „можете мирно да спиете, граѓаните на Србија можат мирно да спијат“.
Хрватска, Албанија и Косово потпишаа декларација за одбранбена соработка на 18 март 2025 година во Тирана. Како што беше тогаш кажано, не станува збор за воен сојуз, туку трилатерална соработка во областа на одбраната и безбедноста меѓу трите земји. Ја потпишаа министрите за одбрана на трите земји на состанок во Тирана.
Документот предвидува зајакнување на одбранбените капацитети со цел подобрување на воените капацитети на секоја земја преку соработка и координација, создавање услови за поефикасен одговор на заканите за националната и регионалната безбедност и развој на одбранбената индустрија и заедничките технологии.
Декларацијата предвидува заеднички воени вежби, размена на искуства, обука и едукација на персонал, зголемување на интероперабилноста на вооружените сили, како и соработка во врска со хибридните закани. Трите земји разменуваат информации за кибернапади, дезинформации и други закани што можат да влијаат на безбедноста, координираат дејствија во ситуации што не се директно воени, но влијаат на стабилноста.
Н.П.