Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, во книга што треба да излезе следната недела го опишува американскиот претседател Доналд Трамп како роден лажливец и неморален лидер. Ваквите информации беа објавени од страна на повеќе американски медиуми.

Коми во книгата опишува разочарувачка слика за актуелниот американски претседател, за кој вели дека е човек што не е склон кон вистината. „Трамп живее за да го храни своето его и бара лична лојалност“, вели Коми.
Според најавите, книгата „Виша лојалност: вистина, лаги и лидерство“ треба да биде објавена во вторник. Книгата претставува прв опсежен увид во низата состаноци меѓу Трамп и Коми откако минатата година тој сведочеше во Конгресот.
Меѓу другите работи, Коми пишува дека Трамп искористил средба со него за да ги побие непотврдените тврдења дека користел услуги од проститутки во Москва во 2013 година. Обвиненијата, вклучувајќи го и она дека Русите го снимиле дружењето на Трамп со проститутки, ги претстави британскиот разузнавач Кристофер Стил, но тие никогаш не беа потврдени.
За првпат, книгата на Коми изнесува информации дека Трамп разговарал по однос на овие обвиненија. Според поранешниот шеф на ФБИ, претседателот силно ги негирал обвиненијата прашувајќи, веројатно реторички, дали личи на човек кому му се потребни проститутки.
Трамп го отпушти Коми во мај 2017 година, што доведе до отворање посебна истрага од Министерството за правосудство за наводно мешање на Русија во американските претседателски избори во 2016 година.